Семејното насилство во Македонија како дел од традицијата и менталитетот – Секоја трета жена е жртва на родово насилство

Кога жената го пријавува насилството може да се обрати до надлежните инстиуции како Центарот за социјална работа, полиција, здравствена установа, па дури и граѓанска организација, која работи со таква проблематика, и при тоа институцијата е законски обврзана да ѝ помогне на жртвата во решавање на моменталната ситуација.

338

Нашата секојдневна комуникација, било да се случува во домот или на работа, не често се состои од разговор на повисок тон кој прераснува во расправија или кавга, за која сметаме дека е нормален начин за разменување на ставови. Во наплив на емоции, не често се разменуваат навреди, а може да се случи и по некоја шлаканица.

Но, дали навредите треба да ги сфатиме како нормален дел од комуникацијата?

– Како општество сме склони кон и имаме многу и разни стереотипи и предрасуди, што резултира со висок степен на толеранција кога станува збор за насилството. Во секојдневието, викањето и навредите, поголем дел од луѓето ги сметаат како нормален дел од комуникацијата или пак за насилството се зборува како за кавга, расправија (што не би требало да е случај), кога ќе дојде до шлаканици веќе се забележува дека нешто не е во ред, меѓутоа во исто време е и нешто што е поприлично нормално и не е толку страшно –  вели Антигона Алили од здружението Женски форум од Тетово.

Таа додава дека ова е сериозен проблем затоа што жените се уште се стигматизирани кога станува збор за семејно насилство или воопшто за било кој вид на насилство и би можело да се каже дека во најширока смисла тоа е резултат на традицијата и менталитетот чиј дел сме.

Дороти Пачкова од здружението „Една може“ нагласува дека живееме во општество кое е културолошки толерантно кон насилно однесување и насилни акти.

– Погледнете само како грубјански си играат децата уште од градинка и на никого не му пречи тоа, или видете ги статистиките кои велат дека секоја трета жена е жртва на родово базирано насилство. Погледнете дури и каков е третманот кон децата од улица… просат меѓу ауспуси, ги пцујат нервозни шофери, а никој не презема ништо покрупно околу ова – нагласува таа.

Семејното насилство како општествен, а не домашен проблем

Жртви на семејно насилство, имало, има и ќе има. Овој проблем не разликува дали жртвата е машко или женско, не разликува возраст, не разликува нација и економски сталеж. Секој може да биде жртва на семејно насилство и апсолутно не постои држава, без разлика на кој од седумте континенти се наоѓа, каде не се регистрирани случаи на семејно насилство. За овој општествен проблем, дури ни економски, политички, општествено и социјално развиените земји не нашле трајно решение. Решавањето на овој проблем бара активно и синхронизирано дејствување на сите институции во државата, пред се во заштита на жртвите, пружање соодветна стручна здравствена и правна помош за да можат да продолжат да живеат и секако најважно од се е економска поддршка за отпочнување на нов живот во подобри услови.

Дали македонското општество е спремно за вакво дејствување?

Антигона Алили од здружението „Женски форум“ вели дека полицијата не секогаш е волна да се справува со ситуации на насилство, т.е семејно насилство. Таа го посочува фактот дека жртвите се уште не се чувствуваат слободни да ѝ пристапат на полицијата за да пријават насилство, а тоа укажува дека постои бариера која тешко може да се искорени.

– Сепак, позитивно е тоа што полицијата е волна да соработува со другите институции, па дури и со граѓанскиот сектор што игра голема улога во борбата против насилството – вели Алили, додавајќи дека најголемиот проблем се јавува кога жената го пријавува насилството и одлучува да го напушти домот.

– Ова посебно важи за жените што се економско зависни од нејзиното семејство и сопруг – вели Алили.

Пачкова пак, вели дека процедурите за пријавување на семејно насилство во Македонија се пофлексибилни секоја година.

– Може и треба да пријавите насилство, и во државните институции, Центрите за социјална работа и МВР, но и во граѓанските организации кои имаат СОС – линии и кои имаат центри со вработени  психотерапевти, доктори, педагози, кои работат со насилсници и жртви, како и со деца сведоци на насилство, кои според Истанбулската конвенција, а и според мене, се исто така жртви на насилството на кое посведочиле – вели раководителката на „Една може“, нагласувајќи дека за време на викенди нема можност вака организирано да се пријави и детектира насилството.

Кога жената го пријавува насилството може да се обрати до надлежните институции, како Центарот за социјална работа, полиција, здравствена установа, па дури и граѓанска организација, која работи со таква проблематика, и при тоа институцијата е законски обврзана да ѝ помогне на жртвата во решавање на моменталната ситуација.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека до сега има отворено четири регионални Центри за лица жртви на семејно насилство и тоа во Скопје, Битола, Свети Николе и Кочани, а во соработка со граѓанскиот сектор финасиски поддржува уште две специјализирани установи и тоа Центар за лица жртви на семејно насилство (до една година) и Кризен центар 24/48 часа, кои се раководени од страна на здруженијата.

– Исто така, Министерството за здравство, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, отвори три Центри за упатување на жртви на сексуално насилство и родово базирано насилство (Скопје, Тетово и Куманово) и усвоена е стандардна оперативна процедура за обезбедување на сеопфатен мултисекторски одговор за помош на жртвите од сексуално насилство, која е неопходна и ќе придонесе кон ставање на фокус на заштитата на жртвите на сексуално насилство во согласност со меѓународните стандарди за заштита на човековите права. Оваа процедура е дистрибуирана до сите Центри за социјална работа коишто треба да ја применуваат во однос на нивната предвидена улога за заштита на жртвите на родово базирано насилство – велат од министерството.

Инаку, за засолнување на жртвата во шелтер-центрите, проценка прави стручниот тим од Центарот за социјална работа. При проценувањето се земаат предвид  видот на насилството, здравствениот и семејниот статус на жртвата, нејзината возраст како и други околности, со цел да се преземат потребните мерки за заштита.

Една од мерките за заштита на жртвите е и сместување на жртвата во Центарот за лица – жртви на семејно насилство и тоа кога постои сознание за реална закана по животот и здравјето на жртвата, како и во отсуство на други ресурси за згрижување, кое може да трае најмногу три месеци со можност за продолжување најмногу до една година.

– Во Центарот за лица – жртви на семејно насилство работи тим од стручни лица, кои освен задоволување на основната потреба на жртвата (и нејзините деца) за сместување, им пружа соодветна психо-социјална помош, поддршка и други активности содржани во планот за индивидуална работа, изготвен во ЦСР.  Стручните работници од ЦЖСН постојано го следат и евалуираат прогресот на активностите согласно планот, и за секоја промена на состојбата на жртвата благовремено го информираат надлежниот ЦСР – велат од Министеството за труд и социјална политика.

Доволни ли се заложбите на државата?

Сепак, женските организации кои работат на овој проблем сметаат дека заложбите на државата не се доволни, особено не кога станува збор за долготрајна поддршка на жртвата на семејно насилство, додека се води судска постапка против насилникот, на пример.

– Жртвата може да се заштити за одреден временски период, но за жал државата се уште нема доволно услуги и ресурси за долготрајна поддршка и заштита на жртвите од семејно насилство. И понекогаш после водење на долги судски постапки, вештачења, изјави, има случаи кога жртвата се враќа кај насилникот затоа што нема друг излез и нема кај да се смести – нагласува Алили.

Бети Пеева од НВО „Ехо”- Штип, пак, забележува дека во системот за заштита на жртвите и превенцијата најслабата алка се социјалните служби, коишто се пренатрупани со други работни обврски. Теренските истражувања покажуваат и дека жените и девојките од руралните средини не се информирани за поддршката, што можат да ја добијат од институциите во случај на насилство.

За здруженијата не е спорна работата на институциите која законски е синхронизирана. Односно, велат дека Протоколот на национално ниво за препраќање на жртви на семејно насилство, како и ратификувањето на Истанбулската конвенција за спречување и борба против семејно насилство и насилство врз жените, каде што се предвидени одлични мерки како да се заштити жртвата и да се спречи двојна виктимизација, теоретски убаво звучат, меѓутоа нивното спроведувањето во пракса тешко оди.

– Се почесто се поведуваат судски постапки за жените што пријавиле семејно насилство и им се овозможува бесплатна правна помош (ова посебно од граѓански организации), но овие судски постапки резултираат со развод на брак, изрекување на привремени мерки за заштита, меѓутоа многу ретко има кривични пресуди кои изрекуваат затворска казна за насилникот – вели Антигона Алили од здружението „Женски форум“ од Тетово.

Република Македонија како држава не го слуша доволно гласот на жените кога станува збор за насилство, на цела територија на државата постојат само четири засолништа за жртви од семејно насилство (Скопје, Битола, Свети Николе и Кочани) и само пет Центри за пружање на бесплатна правна помош што не е доволно, кога станува збор за заштита на жените жртви од семејно насилство.

– Државните инстиуции треба повеќе да се ангажираат со работа на оваа проблематика за да може полесно да се заштитат жените и да се прекине насилството – нагласува Алили.

Насилниците ќе се гонат кривично за насилство врз жени и девојки

Заштитата на жртвите на семејно насилство не подразбира само нејзино физичко засолнување и згрижување во центрите каде ќе добијат соодветна здравствена и психолошка помош. Заштитата подразбира и соодветно сакционирање на насилникот согласно Кривичниот закон на Република Македонија. Токму во таа насока одат и новите законски измени што Македонија треба да ги направи.

– Насилството врз жените и девојките, без разлика дали е физичко, психичко, на работно место, јавен простор или пак најновото, сајбер-насилство ќе се третира како кривично дело. Ова се дел од законските измени што Македонија треба да ги направи – вели Бети Пеева од НВО „Ехо”- Штип.

Пеева, која е вклучена во законските измени и во пилот-проект кој се спроведува во Штип и во Струмица, вели дека насилниците на овој начин ќе одговараат согласно Кривичниот законик, а колкава ќе биде висината на затворската казна, за ова прашање треба да се изјасни експертската јавност.

– Со санкциите на некаков начин се испраќа порака и до потенцијалните сторители на насилство врз жената – вели Пеева.

Хрватска и Србија се двете држави во регинот кои веќе ги имаат направено овие измени, а Македонија и Косово моментално работат на тоа.

– Она на што дефинитивно инсистира Истанбулската конвенција е всушност дека треба да се има многу широк, мултусекторски интегративен пристап во спречување и заштитата на жените и девојките од насилство. Меѓутоа и ова да се третира како кривично дело. Секое насилство врз жени и девојки да се третира по службена должност, односно како кривично дело – вели Пеева.

Во новите законски измени ангажирани се експерти, невладини организации и од ресорните министерства, а особен придонес има и телото на ООН за родова рамноправност и жени, што и сега и претходните години даде силна поддршка за да овој процес се истурка.

Последните анализи за бројот на жртви на насилство се правени во 2015 година, а во изминатите три до четири години се случиле над 30 фемициди, односно убиство на жена, затоа што е жена.

Во меѓувреме се чека и на донесување на законските измени во Законот за бесплатна правна помош, што во моментов е рестриктивен, и до бесплатна правна помош не можат да дојдат социјално ранливите категории на кои најмногу им е потребна и оваа помош.

Истанбулската конвенција

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.05.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борба со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените. Македонија ја потпиша Конвенцијата на 08.07.2011, ја ратификува во декември 2017 година, а стапи на сила на 1 јули минатата година.

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата, насилство врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додeка пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вели дека насоките што произлегуваат од Истанбулската конвенција, ќе помогнат во промената на менталитетот, како неопходна фаза за ефикасна и трајна борба против насилството врз жените.

– Мојот личен стремеж е нула толеранција и тоа го очекувам од секој мој соработник и од целиот систем на институциите. Како клучна ја сметам и соработката со граѓанското општество и поддршката на силните женски организации за подобри закони и политики во врска со родовото насилство. Исто толку силен ентузијазам и енергија сакам да му посветам и на машкиот свет, но појдовната црвена линија за овие прашања е консензуалното прифаќање дека вознемирувањето или насилството во било која форма врз жените и девојките не е привлечно, не е машко, ниту машкост и не е прифатливо – порача премиерот Заев.

За потребата од сеопфатен и структуриран пристап и превенција, не само на залечување на последиците, туку и во пронаоѓањето на најдобри решенија за елиминирање на родовото насилство, говореше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царoвска, која подвлече дека Владата работи во текот на целата година на ова прашање и презема конкретни чекори за превенција и заштита на жените кои преживеале насилство.

– Државата има должност да обезбеди услови за живот безбеден од насилство за секој поединец. Но, за да постигнеме реален успех во оваа борба сите ние мораме да продолжиме да работиме и заедно да испратиме јасна порака дека никој не смее да молчи. Владата го усвои Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција во Република Македонија за периодот 2018-2020 година. Веќе е формирана работна група која треба да подготви предлог закон за родово засновано насилство, а заедно со Министерството за правда ќе работиме на измени во Кривичниот закон. Се унифицира и системот за постапување. Изготвени и усвоени се стандарди и процедури за семејно насилство во соработка со граѓанскиот сектор – истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царoвска.

Да пријавуваме семејно насилство

Заедно создаваме механизми за заштита и поддршка на жртвите од семејно насилство.Radmila Sekerinska

Posted by Мила Царовска on Понедељак, 11. фебруар 2019.