Седницата се одлага за во 15 часот, нова средба Заев – Касами

237
Фото: Борче Поповски

Собраниската седница на уставните измени која требаше да почне во 12 часот се одлага за во 15 часот, поради средбата на премиерот Зоран Заев со претседателот на Беса, Биљал Касами.

Заев вчера изјави дека се уште се во разговори со Беса на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

– Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци – рече Заев на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор.

Вчера попладне се воделе интензивни преговори со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на уште едан глас, но според неофицијалните информации договор не бил постигнат.