Се размислува за одлагање на „Мој термин“ поради епидемијата на морбили

Оваа мерка се донесе откако се покажа дека болниците и клиниките стануваат жаришта за ширење на епидемијата на морбили.

Здравствените власти размислуваат термините закажани преку „Мој термин“ да се одложат во сите болници, по примерот на Клиниката за детски болести и Институтот за белодробни заболувања „Козле“, каде поради епидемијата на мали сипаници, прегледите ќе се одложат за еден месец.

Од Клиниката за детски болести информираат дека во текот на денешниот ден телефонски ќе ги известат пациентите за одлагање на прегледите.

– Ќе се одложат сите прегледи кои се контроли или закажани испитувања кои може да почекаат. Во случаите кога има ургентна состојба, нема да има одложување. Ќе остане да работи само невролошката амбуланта која е во друг дел. Одлагањето ќе биде до први март. Со ова сакаме да спречиме да се изложат на ризик да заболат од морбили или грип децата кои кај нас доаѓаат со друга патологија – објаснува Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.

Оваа мерка се донесе откако се покажа дека болниците и клиниките стануваат жаришта за ширење на епидемијата на морбили. Пациентите со морбили може да ја шират заразата уште пред да го добијат осипот.

Министерот Венко Филипче, засега е оптимист за обемот на имунизација и смета дека ќе се стигне до потребните 95 отсто имунизирано население. Тој рече дека не смее да се дозволи во иднина децата да не одат во градинка заради заразни болести за кои постои вакцина.