Охридскиот чинар ќе се ревитализира

Со проектот се опфатени повеќе стебла од видот чинар (Platanus orientalis) на неколку локации низ градот како и едно стебло кочеџик (Celtis Australis) во дворното место на црквата „Св.Богородица Перивлепта".

45

Општина Охрид ќе спроведе санација, ревитализација и статичко обезбедување на стариот чинар, како едно од карактеристичните обележја на градот.

Активностите се во согласност со иницијативата покрената од Одделението за заштита и влијание врз животната средина, за препрогласување на охридските чинари за споменици на природата, за што беа изготвени соодветни елаборати за нивна валоризација/ревалоризација, санација и ревитализација.

Согласно изготвените елаборати Советот на општина Охрид донесе Одлука за предлагање за прогласување на чинарите во поширокото градско подрачје во Општина Охрид и кочеџикот во дворот на црквата Св. „Богородица Перивлепта” во категорија – споменик на природата. Целокупната документација во 2017 година е доставена до МЖСПП како надлежен орган за прогласување на чинарите за споменици на природата со што Општина Охрид ќе добие право на управување со чинарите.

Со проектот се опфатени повеќе стебла од видот чинар (Platanus orientalis) на неколку локации низ градот како и едно стебло кочеџик (Celtis Australis) во дворното место на црквата „Св.Богородица Перивлепта”.

Според информаците од Општина Охрид, во тек е тендерска постапка за избор на стручна фирма што ќе ги спроведе предвидените активности.

Инаку, за староста на чинарот во Охрид како препознатливо обележје на градот, постојат повеќе мислења, од кои едното посочува дека дрвото е старо 11 века, а го засадил свети Климент Охридски уште за времето на постоењето на првиот Словенски универзитет во Охрид.