МакедонијаПОЛИТИКА

Рашковски за обвинувањата на Апасиев: Приватниот живот го држам на страна, а двата докторати ми се готови

Приватниот живот го држам на страна, а двата докторати ми се готови, одговори генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски на обвинувањата од Димитар Апасиев од Левица.

– Тоа е приватна работа и не е поврзана со мојот ангажман. Секогаш приватниот живот го држам на страна. А мојот докторат, и едниот и другиот се готови – изјави Драги Рашковски за „Слободен печат”.

Апасиев го обвини Рашковски дека лажел дека има два докторати и дека навел лажен податок во работната биографија што е објавена на веб-страницата на Владата.

„Имено, од јавно објавениот Билтен на УКИМ бр. 1149 еден месец подоцна, т.е. на 30 јуни 2017 на страна 30 се гледа дека Рашковски во моментот на избор на функцијата немал ниту објавена Одлука за прифатена тема за докторска дисертација, што е иницијална фаза за докторирање – а камоли ‘одбранет докторат’!? Според Правилникот на Универзитет ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје за трет циклус студии, во најдобар случај, меѓу објавениот наслов на дисертација и јавната одбрана на истата поминува една до две години“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Блаже Дарудов

Придружете ни се Facebook