Психолозите и правниците бараат да се ограничи сурогат мајчинството

Се наметнува прашањето дали сурогат мајката го продава своето тело, дали  парот кој склучува договор за сурогат мајчинство купува бебе, дали човечкото суштество се претвора во предмет со кој може да се тргува.

133

Да се направат законски измени со кои ќе се ограничи опцијата пар да може да „позајми“ ембрион кој потоа ќе порасне во сурогат мајка, побараа учесниците на трибината „Сугорат мајчинство – етички, правни и психолошки дилеми“ која ја организираше Центарот за биоетика на Филозофскиот факултет.

Правниците побараа да се дозволи договор за сурогат мајчинство да може да склучат и лица кои не се во брачна врска, а психолозите рекоа дека децата родени од сурогат мајка имаат поголеми проблеми со адаптација, развиваат аксиозност и депресија, а целиот концепт на сурогат мајчинство е многу лизгав терен чии последици може да бидат многу сериозни.

– Ембрионот ако е зачнат со донирана јајце клетка и сперматозоид нема генетски врски со парот што сака да склучи договор за сурогат мајчинство. Дополнително тој расте во друга жена, па парот кој треба да го чува се сведува само на добар менаџер кој го организира наоѓањето на ембрионот и сугорат мајката. Ова сметам дека треба да се промени –  рече професорот од Правниот факултет, Дејан Мицковиќ.

Во земјава, со имени на Законот за биомедицнско оплодување направени во 2015 година, се дозволи сурогат мајчинство и досега на овој начин на свет е донесено само едно дете. Во овој случај мајка роди дете за својата ќерка, со што практично стана и мајка и баба.

-Се наметнува прашањето дали сурогат мајката го продава своето тело, дали  парот кој склучува договор за сурогат мајчинство купува бебе, дали човечкото суштество се претвора во предмет со кој може да се тргува. Детето донесено на свет на овој начин има практично три мајки, таа со чија јајце клетка е зачнат ембрионот, таа што го носела, односно сурогат мајката, и социјална мајка, односно таа која го чува, која е вистинската мајка – рече Мицковиќ.

Сугорат мајчинството, смета тој, е прв чекор во процесот на етногенеза, кој значи дека за десетина години, наместо сугорат мајка, ембрионот ќе може да се порасне во инкубатор и со тоа ќе се исклучи жената од процесот на раѓање на детето.

-Мајката е еден од столбовите на кои се темели нашата цивилизација, со ова го рушиме тој столб – вели Мицковиќ.

Поради сите овие дилеми, во многу европски земји, како Франција, Италија, Германија, сурогат мајчинството  е забрането. Кај нас е дозолено само сурогат мајчинството кое не е комерцијално, односно забрането е сурогат мајката да добие надоместок за тоа што го прави.

-Проблематично е и тоа што во законот сурогат мајка воопшто нема статус на мајка туку се нарекува гестациски носител. Со тоа се напушта концептот дека мајка е жената која го родила детето – вели Мицковски.

Согласно законот кај нас во изводот на родени на детето се запишуваат само родителите кои ќе го чуваат, а сугорат мајката воопшто не постои. За разлика во Англија, каде  сугорат мајката се запишува во изводот, како мајка, додека парот може тоа да бара да се промени ако сугорат мајката се согласи.

Професорката Ана Фрицханд од Катедрата за психологија, објасни дека за да се роди психолошки здраво дете, тоа, додека е во утробата на мајката, со неа треба да развие блиска психолошка и емотивна врска.

-Децата кои не ја воспоставиле оваа врска со мајката потоа се апатични, хиперактивни, се раѓаат мртви. И сега се поставува дилема, дали сурогат мајката треба да развие емоционална врска, да се поврзе со  бебето што го носи иако е свесна дека веднаш по раѓањето треба да го даде, а потоа да најде начин да се справува со својата емоционална состојба. Студија објавена во 2016 година покажува дека децата родени од сурогат мајка имаат поголеми проблеми со адаптација, проблеми во однесувањето, проблеми со аксиозност, депресивност. Сакам да кажам и дека децата вклучени во оваа студија се следени во периодот од раѓањето додека да наполнат 10 години. Што ќе биде со овие деца кога ќе влезат во пубертет  – вели Фрицханд.

Таа рече дека парот кој не може да има деца треба, пред да ја избере опцијата за сугорат мајка, сериозно да ја разгледа можеби за посвојување на  дете. Статистиката покажува дека годишно кај нас се посвојуваат околу 30 деца, додека со инвитро, односно вештачко оплодување, досега се родени околу 1.500 деца.

-Емоционалните и психолошки проблеми кои се создаваат со концептот на сурогат мајчинство се многу сериозни, не смее да се влета во ова неспремен. Теренот е лигзав и стаклен, последиците може да бидат многу сериозни – рече Фрицханд.

Мими Шушлеска Петкова