Промената на Уставот објавена во „Службен весник“

124

В сабота, 12 јануари, ден по изгласувањето на одлуката за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, шестиот број на „Службен весник“ за годинава ја објави промената на Уставот. Одлуката ја потпишал претседателот на Собранието, Талат Џафери пренесува Макфакс.

Во Уставот, зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот.

Во преамбулата на Уставот се бришат зборовите: „кaко и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со амандманот 34 се потврдува дека Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. Со амандманот 35 Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ и правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство.

Во амандманот 36 пишува дека Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.

Објавена е и одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Во личните документи и патни исправи на граѓаните државјанството се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот и неговото кирилско писмо, се пишува на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот и неговото писмо на тој јазик во сите закони.

Постојните официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба што може да се користат надвор од државата треба да се усогласат најдоцна во рок од пет години.

Усогласувањето на документите и материјалите наменети исклучиво за внатрешна употреба ќе почне со отворањето на секое поглавје од релевантното поле во преговорите со Европската Унија, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето.