МакедонијаПОЛИТИКА

Профил-Кочо Анѓушев: Сергеј Бупка во бизнисот

Ако е добар за себе, и ако знаеше како треба, тоа е потенцијална можност да биде добар и за националната економија. Сега останува на него, таа потенцијална можност да ја реализира.

 

 

Весна Дамчевска

 

Кога стапна во Владата како вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев веќе ѝ беше добро познат на јавноста. Неговото име главно се поврзуваше со увозот на електрична енергија, како најголем трговец. Тој има и други бизниси што му носат многу пари, но го прифати предизвикот да работи како вицепремиер за економски прашања, предложен од бизнисмените.

Како прва работа што сакаше да ја покаже Анѓушев е дека ова не го работи за пари. Својата плата од 81.000 денари, половина ја дава на социјално загрозени семејства, а половина за стипендии на студенти од технички науки. Но, она што е најважно во моментов е колку и како Анѓушев ќе стане „мост“ меѓу бизнисмените и Владата, колку правилни политики ќе успее да наметне, за колку од реалните проблеми на стопанствениците ќе понуди решение, како ќе помогне да се зголеми продуктивноста, вработувањата, бруто-домашниот производ….

Логиката што тој стана вицепремиер лежи токму во тоа што тој лично постигна голем деловен успех. Ако е добар и ако знаеше за себе, тоа е потенцијална можност да биде добар и за националната економија. Сега останува на него таа потенцијална можност да ја реализира, како и на другите членови од Владата да ги имплементираат добрите идеи.

Личните успеси на Анѓушев се големи. Според Анкетниот лист, тој е сопственик на имот вреден 28 милиони евра. Семејството Анѓушеви поседуваат една куќа и пет стана во центарот на Скопје. На име на Анѓушев се две луксузни возила – марка „масерати“ и „порше“ во вкупна вредност од 120.000 евра. Во негова сопственост се уметнички слики и скулптури, дваесет на број во вредност од 105.000 евра, четири рачни часовници од брендовите „ролекс“, „омега“ и „картие“, златен накит и моторен чамец.

Во 2014 година Анѓушев се најде на листата на „Форбс“ како еден од петтемина најбогати Македонци. „Форбс“ тогаш пишуваше за него како за бизнисмен и факултетски професор, кој се споредува со спортистот Сергеј Бупка, во поглед на трговијата со струја.

Бизнисот со струја Анѓушев го водеше преку компанијата „EДС ДОО“, тој ја основа и групацијата „Феро инвест“, која делува во металопреработувачката индустрија и во секторот енергетика. Оваа групација ја сочинува компанијата за производство на жици и други производи „Брако“, фирмата „Аквават“ за проектирање и дизајнирање проекти од обновливи извори на енергија, „МХЕ сектор“ што вклучува 19 мали хидроелектрани и „ЕМС“ за одржување мали хидроцентрали.

Откако дојде на позицијата вицепремиер, за да не постои судир на интереси, Анѓушев се тргна од управувачката структура на своите компании.

Анѓушев, покрај тоа што е бизнисмен, е и долгогодишен редовен професор на Машинскиот факултет, каде што пред 25 години дипломирал. Во периодот од 2000 до 2002 година ја извршувал функцијата помошник-генерален директор за производство и управување во тогашното Електростопанство на Македонија. Тука го стекнал практичното знаење за тоа како функционира енергетиката во Македонија и во оваа област има значителен придонес во отворањето на едно ново поглавје – либерализација на пазарот на струја.

 

роден во Велес

 

дипломирал на Машинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“

 

станал доктор на науки и редовен професор на Машинскиот факултет

 

назначен е за помошник на генералниот директор за производство и управување во тогашното Електростопанство на Македонија

 

ја основа фирмата „Фероинвест“

 

станува прв човек „ЕФТ Македонија ДООЕЛ Скопје“, како дел од меѓународната групација за трговија со струја „ЕФТ“

 

основал сопствена компанија за трговија со струја „ЕДС“

 

стана заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања

Придружете ни се Facebook