Политички партии се обединија во поддршката за позитивен исход на референдумот

Јас сум убеден дека мнозинството граѓани што ги претставуваме и кои ни ја доверија одговорноста да ја водиме државата, ќе ја исполнат својата граѓанска должност, ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за европска Македонија-рекол Заев.

83

Околу 30 политички субјекти синоќа се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евро-атлантска иднина на Македонија, преку прифаќање на неколку заеднички принципи, се вели во соопштението од Центарот за комуникации со јавноста на Социјалдемократскиот сојуз.

-Политичките партии се согласија да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат ЗА на престојниот референдум кој ќе се одржи на 30-ти септември 2018 година. Едногласни се дека Република Македонија своите стратешки цели може да ги оствари единствено преку членство во НАТО алијансата и во Европската унија и дека граѓаните и државата ќе добијат значајни придобивки од евроатланстските интеграции на земјата-стои во соопштението.

Оттаму велат дека политичките партии кои синоќа се обединиле околу основните принципи, согласни биле дека македонско-грчкиот договор ги отвора вратите на Македонија за членство во НАТО и во Европската унија.

-Партиите сметаат дека секој граѓанин на Република Македонија со право на глас треба да преземе одговорност, да излезе и да гласа афирмативно на претстојниот референдум. Како што беше договорено на средбата партиите го задржуваат правото да водат сопствени јавни комуникации поврзани со референдумот кои може да се индивидуални и независни или во рамки на други коалиции и кампањи. Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев рече дека со решавањето на билатералното прашање со Грција, повеќе нема ниту едно отворено прашање со соседите, како и дека тоа ја отвора иднината за граѓаните на нашата држава и членството во ЕУ и во НАТО-се наведува во соопштението.

Заев додал дека успехот на референдумот значи изградба на европска Македонија.

-Јас сум убеден дека мнозинството граѓани што ги претставуваме и кои ни ја доверија одговорноста да ја водиме државата, ќе ја исполнат својата граѓанска должност, ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за европска Македонија-рекол тој.

Во соопштението се вели дека „партиите остануваат отворени во ова надпартиско движење да се вклучат и други политички партии, граѓани, граѓански здруженија или други организации кои се согласни да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат на престојниот референдум, поддржувајќи го членството на Македонија во НАТО и ЕУ”.