Папата Франциск на 7 мај во Скопје, ќе се сретне со Иванов и Заев

По официјалниот пречек, папата Франциск ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор.

52
Профимедиа

Канцеларијата за печат при Светиот Престол во Ватикан, денеска ја објави програмата за посетата на папата Франциск на Северна Македонија.

Предвидено е папата да пристигне во Скопје, родниот град на Света Мајка Тереза, на 7 мај наутро.

По официјалниот пречек, папата Франциск ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претставници на граѓанското општество и дипломатскиот кор.

За време на престојот во земјава, тој ќе има средби и со верските лидери и со сиромашни лица, соопшти владината прес-служба.

Во програмата за апостолското патување на папата Франциск во Северна Македонија предвидено е да отслужи света литургија, а потоа да присуствува на екуменска и меѓурелигиска средба со млади.

Папата Франциск, своето 29 апостолско патување, ќе го заврши во попладневните часови на 7 мај, со средба со свештеници и нивните семејства, по што се враќа во Рим.

Претходно, поглаварот на Римокатоличката црква ќе престојува во Република Бугарија каде што ќе ги посети градовите Софија и Раковски.