Осомничените тврдат: Случајно го сретнавме Саздо на улица

562

Двајцата осомничени и притворени напаѓачи на Никола Саздовски (21), кој почина во понеделникот наутро, вчера околу пладне беа изведени на распит во Основното јавно обвинителство. Тие вчераутро за првпат се запознаа со своите адвокати: Насер Рауфи и Асмир Алиспахиќ. Во притвор се од минатата недела, откако полицијата ги идентификуваше и ги поврза со бруталното претепување на младиот навивач на „Вардар“.

Според информациите до кои дојде „Независен весник“, скопјаните Скендер Д. (19) и Бесир Б. (20), веднаш по апсењето, биле донесени кај судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд и им биле одредени адвокати по службена должност. Нивната одбрана се темелела на тоа дека кобниот ден, се возеле со автомобилот „мерцедес“ и случајно на автобуска станица во населбата Автокоманда го здогледале младото момче, со кое неколку недели биле во „интернет војна“ преку „Фејсбук“. Запреле, излегле од возилото, го прашале момчето: „Ти си Саздо?“ Добиле потврден одговор, по што дошло до инцидентот.

Распитот во Обвинителството вчера траеше со часови. Осомничените се бранеле со молчење, сакале прво да ги видат доказите, па да се произнесат. Од нивните адвокати не успеавме да дознаеме што и како се случувало. Претходно, нивните бранители само кусо ни изјавија оти не се виделе со своите клиенти, ниту, пак, го виделе предметот, па не можат ништо да коментираат.