Османи: Изненаден сум, но стојам на располагање на СЈО

Османи вели дека стои на располагање и на СЈО и на друг правосуден орган и оти истрагата ја смета за нормална и коректна.

228
Фото Борче Поповски

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, по повод најновите истраги што ги отвори СЈО, а во кои во едната се споменува и неговото име, вечерва во соопштение до јавноста истакнува дека отсекогаш работел според закон и во интерес на сите граѓани на Република Македонија.

„Информацијата за отворената истрага од страна на СЈО, иако уште претходно како шпекулација ја имав слушнато и прочитано во медиумите, сепак претставува изненадување за мене, особено спомнувањето на моето име во контекст на евентуални злоупотреби. Во мојата политичка и воопшто професионална кариера, и како министер за здравство порано, и сега, како вицепремиер, предводник на Секретаријатот за европски прашања, секогаш сум работел според закон, и во интерес на сите граѓани на Република Македонија“, вели Османи во писмената реакција.

Османи вели дека стои на располагање и на СЈО и на друг правосуден орган и оти истрагата ја смета за нормална и коректна.

„Наведената истрага ја сметам за нормална, коректна и професионална обврска на Обвинителството и во таа насока стојам на располагање и на СЈО, и на било кој друг правосуден орган во земјава, за соработка во интерес на идентификување на целосната фактичка состојба. Сакам да потенцирам дека немам што да кријам, напротив, очекувам што е можно побрза и поефикасна истрага, а со цел да се утврди вистината – дека ниту сум влијаел, ниту сум можел да влијаам, а ниту сум можел да бидам запознаен со евентуална злоупотреба, секако, доколку таква постоела“, наведува вицепремиерот во писмената реакција до јавноста.

Во истрага од СЈО под кодно име „Пациент“, Османи е еден од петнаесетте осомничени во време која ја извршуваше функцијата министер за здравство.