МакедонијаОПШТЕСТВО

Околу педесетина лица без лични документи во Струмица

Фото Слободен печат

Во Струмица има повеќе лица без лични документи во споредба со другите градови од Источна Македонија. Бројката тука се очекува да изнесува околу педесетина лица кои не се запишани во матичната книга на родените.

Ова беше соопштено на денешната средба на Локалната акциска група во рамки на проектот „Надвор од кругот-невидливи во општеството“ што се одржа во Струмица.

Според Шенај Османов, извршен директор на Здружението „За заштита на правата на Ромите“ од Штип заедно со надлежните инситуции ќе почнат да работат на терен за да ги изнајдат лицата без лични документи и да се извршат вонреден упис.

– Заедно со нашите асистенти ќе работиме на терен, односно од куќа на куќа, за да ги изнајдеме лицата без лична документација, кои дополнително ќе бидат спроведувани во Управата за водење на матичните книги- вели Шенај Османов.

Според него, нивната акција не се однесува само на Ромите, туку цел се сите лица кои не се запишани во матичната книга на родените.

Тој смета дека има повеќе причини поради кои лицата не се регистрираат во книгите.

– Имаме лица кои од времето на осамостојувањето на државата не извршиле промена во нивниот упис, потоа имаме лица кои се новоредени, а не се запишани поради неажурноста на родителите, имаме лица кои се родени во домашни услови и не се запишани и лица кои се спречени со законот за семејство, односно поради склучување на повеќе бракови и живеење во вонбрачни заедници- додаде Шенај Османов, извршен директор на Здружението „За заштита правата на Ромите“ од Штип.

Проектот „Надвор од кругот-невидливи во општеството“ го реализираат четири невладини организации-Хуманитарното здружение „Месечина“ од Гостивар, „Инсок“ и „Амбрела“ од Скопје и Здружението „За заштита на правата на Ромите“ од Штип.

На денешната средба во Струмица присуствуваа и претставници од Подрачната единица на министерството за правда-Управа за водење на матичните книги.

(МИА)

Придружете ни се Facebook