Обвинителот Зврлевски грубо ги крши ингеренциите на Јанева

Шокантно е тврдењето во барањето за заштита на законитоста дека СЈО не доставило докази со кои се докажува постоењето на основано сомнение дека Сеад Кочан го сторил кривичното дело што му се става на товар, бидејќи нејасно е од каде Зврлевски има информации за тоа што е доставено или што не е доставено во предметот, вели адвокатката Јошевска-Анастасовска.

Дилема Меѓу правно-судската стручна јавност сега се отвора прашањето дали воопшто обвинителството на Зврлевски има надлежност да поднесе вакво барање за случај кој е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

„Јас како јавен обвинител, кој е исклучиво надлежен да постапува по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанци, го повлекувам поднесеното барање за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Република Македонија“, Соопштение на специјалната обвинителка Катица Јанева

 

Мартин Богатиноски

Јавниот обвинител Марко Зврлевски побара од Врховниот суд да ги укине решенијата на Основниот и на Апелацискиот суд во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан. Тој предложи предметот да се врати на повторно судење и одлучување, а како основа за барањето за заштита на законитоста за случајот „Труст“, Јавното обвинителство наведува дека решенијата на Основниот суд Скопје 1 и на Апелациски суд направиле законски повреди.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, потврди дека документ со ваква содржина пристигнал до судот, но не прецизираше дали се однесува за случајот „Труст“.
Меѓу правно-судската стручна јавност сега се отвора прашањето дали воопшто обвинителството на Зврлевски има надлежност да поднесе вакво барање за случај што е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

ОЈО нема ингеренции

Адвокатот Александар Тортевски смета дека Врховниот суд тоа барање треба да го смета за поднесок од ненадлежен орган.

– Ова што се случува е трагикомично и сметам дека јавниот обвинител Зврлевски нема право да бара укинување на мерката притвор за бизнисменот Сеад Кочан. Во постапките каде што СЈО е застапник на обвинението, за поднесување и повлекување на постапките е надлежно само СЈО и никој друг – вели Тортевски.

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, пак, вели дека јавниот обвинител Зврлевски направил каскадерски потег, обидувајќи се да присвои надлежности  од Законот за кривична постапка, кои всушност не можат да се применат во услови на постоење посебен закон што ја гарантира автономијата на СЈО.

– Ако Врховниот суд не го отфрли барањето, ќе се доведеме во ситуација Зврлевски да може да покренува правни лекови за сите одлуки на судот во постапки што ги води СЈО. Исто така, шокантен е наводот во барањето за заштита на законитоста дека СЈО не доставило докази со кои се докажува постоењето на основано сомнение дека Сеад Кочан го сторил кривичното дело кое му се става на товар, бидејќи нејасно е од каде Зврлевски има информации за тоа што е доставено или што не е доставено во предметот – вели Јошевска-Анастасовска.

Јанева го повлече барањето

Специјалното јавно обвинителство веднаш реагираше и преку соопштение објави дека од содржината на самото барање за заштита на законитоста, неспорно произлегува дека овој вонреден правен лек е поднесен против судски одлуки донесени во предметот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

„Јас како јавен обвинител, кој е исклучиво надлежен да постапува по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанци, го повлекувам поднесеното барање за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Република Македонија“, соопшти специјалната обвинителка Катица Јанева.

И според Законот за Специјално јавно обвинителство, ваквото барање се смета за незаконско.

Немало докази против Кочан!?

Јавниот обвинител и подносител на барањето, Марко Зврлевски, не сакаше да коментира за своите ингеренции со образложение дека е презафатен и нема време да дава изјави.
Според фотографиите од неговото писмено барање до Врховниот суд, може да се прочита дека жалбата не го задржува извршувањето на решението, односно било повредено суспензивното дејство на жалбата. Јавното обвинителство потенцира и дека во решението не се наведени факти и докази дека бизнисменот Сеад Кочан го сторил кривичното дело.

Осомничениот се наоѓа во бегство од 7 март оваа година, истиот ден кога му беше потврдена и мерката притвор, а за него е распишана и потерница. Според СЈО, Кочан учествувал во кривично дело со лажни документи, а во „зделката“ учествувале трите компании „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, кои добиле тендер тежок 17 милиони евра за ископ на јаглен од државната ЕЛЕМ.

Од македонската полиција потврдија дека сè уште немаат сознанија за локацијата на Кочан иако неколку медиуми објавија дека бизнисменот наводно се крие во Косово, а неговиот адвокат Никола Додевски тврди дека осомничениот се наоѓа на службен пат.