Нинџа тајно бил вработен во УБК

Александар Василевски - Нинџа бил вработен во УБК во одделот за Оперативна техника и прикриени операции односно во Петтата управа иако имал завршено само 4 степен средно образование. Нинџа добил задача да ги следи луѓето што ќе му ги посочел Грујевски и лично нему да му реферерира.

360

Обвинетиот во „27 април“ Александар Василевски – Нинџа, на денешното рочиште, рече дека освен Нинџа имал и друг прекар „Самурај“, кој му го дал началникот на Петтата управа, бегалецот Горан Грујевски во 2015 година.

Грујевски го ангажирал на почетокот на 2015 година кога тогашниот лидер на опозицијата почнал да ги објавува бомбите. Нинџа добил задача да ги следи луѓето што ќе му ги посочел Грујевски и лично нему да му реферерира. Василевски имал легитимација од УБК, пиштол марка „магнум“ и радио станица на која можел да ја слуша целата комуникација на сите полицајци низ Македонија, вклучувајќи го и Скопје.

Василевски бил тајно вработен во УБК во одделот за оперативна техника и прикриени операции односно во Петтата управа иако имал завршено само 4 степен средно образование.

– Горан Грујевски, началникот на Петтата управа во 2015 година ми го даде псевдонимот „Самурај“. Служеше за распознавање на одредени задачи во службата. Во одделот за оперативна техника и прикриени операции, попозната како Петта управа. Во 2015 година во екот на политичката криза кога Заев почна да ги објавува бомбите бев ангажиран од УБК. За мојот претпоставен Грујевски требаше да разузнавам за таргети што ги одредуваше. За зачувување на уставниот поредок беа. Во 2015 кога ме ангажираа, им кажав дека имам 3 степен средно во „Коце Металец“. За трајно вработување ми требаше уште една година. Се запишав во средно „Нова гимназија“ на ФОН. Имав легитимација на УБК. Ми дадоа пиштол магнум 38 специјал агент. И радиостаница со 16 канали. Ја слушав комуникацијата на тајната служба. Беше на канал 3, со шифра 600. Тогаш ми дадоа насока да се приближам на мојот братучед Влатко Пановски – Типе, зашто имало информации дека работел за српски тајни служби. УБК имаше постојани информации за него. Кога Грујевски беше сменет од некои причини и со управата почна да раководи Бошковски, јас ги наследив овластувањата, а Грујевски продолжи да дејствува како сенка и глава на управата – рече обвинетиот.

Тој додаде дека во овој период почнала интензивна комуникација меѓу Бошковски и поранешниот шеф на УБК Влатко Атанасовски, кој пред два дена беше уапсен и однесен во притвор. Сведочењето на Нинџа продолжи со парламентарните избори во тој период и протестите пред ДИК.