Невладините организации бараат политичка одговорност за бегството на Никола Груевски

45

Девет Невладини организации, денеска преку соопштение, повикаа на политичка одговорност за бегството на Никола Груевски.

Тие потсетија дека побарале истрагите итно да завршат и дека Основното јавно обвинителство најавило дека предистражната постапка ќе заврши во рок од две недели и дека јавноста ќе биде информирана, што не се случило.

НВО сметаат дека е неопходно да се преземе политичка одговорност односно да следуваат оставки од министерот за внатрешни работи, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и директорот на Агенцијата за разузнавање.

– Понесувањето политичка одговорност за случајот со бегството на Груевски е единствениот начин власта да покаже дека има сериозна намера да се бори против културата на неказнивост, која – да не заборавиме – беше главна карактеристика на поранешната власт особено кога стануваше збор за највисоките функционери, се наведува во соопштението на невладините организации.