МТСП: Куманово есенва ќе добие нов објект за градинка

Министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска го посети објектот на поранешниот Пионерски дом во Куманово, кој во моментов се реконструира и пренаменува во детска градинка.

За реконструкција на објектот предвидени се 2.083.637 денари, а во Буџетот се обезбедени средства и за опремување на градинката во износ од 1.513.202 денари. Реконструкцијата започна на 1 август 2017 година и предвидено е да заврши за 45 дена. Градинката ќе опфати 85 деца, ќе има три занимални и една група јасли.

Министерката Царовска пред новинарите  презентираше мапа (во прилог) на која е прикажан опфатот на деца на возраст од 0 до 6 години во установи за згрижување и воспитување на деца по општини. Според таа мапа,  Куманово е со опфат од 26,1%, односно е на многу ниско ниво, имајќи предвид дека се работи за една од најголемите општини во Република Македонија.

Во таа насока, Царовска потенцираше дека во наредниот период ќе се работи посветено на подобрување на условите и зголемување на опфатот на деца во градинки и во урбани и во рурални средини низ државата. Како што претходно информиравме, до крајот на 2017 година ќе се отворат 13 нови градинки,  кои ќе опфатат 682 деца, а таквата тенденција ќе продолжи и во текот на наредната година.