И мртви воскреснуваат за референдумот

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугутчевска, вели дека во МВР биле поднесени дојави за фантомски гласачи и посочи дека само во последниот квартал од годинава биле поништени живеалиштата на вкупно 650 лица.

547

Фантомски гласачи и починати лица сè уште фигурираат на Избирачкиот список и многу веројатно е дека ќе го дадат својот глас на референдумот за промена на државното име. Ова го соопшти невладината организација „Цивил“, која се занимава со следењето на изборите и која истакна дека само првиот ден од јавниот увид во Избирачкиот список биле идентификувани многубројни проблеми.

Фантоми на списокот

Оттаму велат дека фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на луѓето што се јавиле во „Цивил“ да се пожалат за неправилностите.

– Добивме една пријава за починато лице, кое сè уште фигурира во Избирачкиот список. Во еден друг случај, граѓанин ни напиша дека веднаш се јавил во Државната изборна комисија (ДИК) да пријави неколку ненајавени гости на својата адреса. Но, оттаму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во полиција. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна дека секогаш некој друг е одговорен – објаснуваат од невладината.

За прочистување на Избирачкиот список, ДИК побара помош од самите граѓани, кои ги замоли да ги пријават сите неправилности.

Правниците, пак, оценуваат дека апсурдно и парадоксално е тоа барање, оти како што велат, Изборниот законик јасно утврдува дека ажурирањето на Избирачкиот список е надлежност на ДИК.

Правниот експерт Насер Зибери во изјава за ТВ Алсат-М цели дека граѓаните се должни да ги пријават неправилностите што лично ги засегаат, но дека не се должни да го прочистат списокот.

– Не може граѓанинот да направи прочистување на Избирачкиот список и да ги пријави неправилностите за лицата кои не ги познава. Дури и ако ги знае, не е негова работа да го стори тоа. Токму затоа постои ДИК и затоа ѝ се дадени овластувањата и средствата. Затоа постојат други институции како што е МВР, Управата за матични книги, Заводот за статистика и сите други институции кои имаат средби со Избирачкиот список. Затоа мислам дека ДИК во новиот состав сè уште не ги познава прашањата, па затоа дава такви изјави – вели Зибери.

Како „ажурира“ ДИК

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугутчевска, вели дека во МВР биле поднесени дојави за фантомски гласачи и посочи дека само во последниот квартал од годинава биле поништени живеалиштата на вкупно 650 лица.

– Секој што е починат и за кого има приложено умреница, тој веднаш се брише од Избирачкиот список. Доколку починатото лице не е пријавено за починато, ние не можеме да знаеме и не можеме да го избришеме. Ние ажурираме само врз основа на официјална документација. Доколку има такви лица, тогаш некој од нивното семејство треба да пријави и да поднесе барање за бришење на лицето од Избирачкиот список. Тоа може да се направи само со копија од умреница и тоа значи дека ние не можеме да го менуваме списокот врз база на комшија или пријател кој без да приложи документ тврди дека некое лице е починато. Кога станува збор за фантомските гласачи, односно за оние лица кои се запишани дека живеат на одредена адреса, а всушност не живеат таму, тоа значи дека МВР им го издало тој личен документ со таа адреса. За ваквите случаи се водат управни постапки за поништување на живеалишта. Ние имаме поднесено такви дојави, па само во последниот квартал од годинава беа поништени живеалиштата на вкупно 650 лица – објаснува Гугутчевска.