„Меѓаши“: Детската сиромаштија најголем проблем кај децата и младите

Покрај детската сиромаштија, од „Меѓаши“ ги посочија и останатите најголеми проблеми кои децата или родителите им ги соопштувале на СОС телефонот во текот на изминатата година, а кои се однесуваат на семејното насилство, бракоразводните постапки и меѓуврсничкото насилство помеѓу децата.

38
Фото: МИА Агенција

Детската сиромаштија и оваа година е најголемиот проблем кај децата и младите, кој се провлекува уште од 2013 година, соопшти на денешната прес-конференција директорот на првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац, кој го презентираше Годишниот извештај за работата на СОС телефонот за деца и млади.

– Проблемот со детската сиромаштија оваа година е на прво место. Тој најмногу ги погодува децата кои се исклучени од образование, чиј труд се злоупотребува, деца кои се жртви на трговија, детска проституција, питачење и други најлоши форми на злоупотреба на детскиот труд – изјави Змијанац.

Покрај детската сиромаштија, од „Меѓаши“ ги посочија и останатите најголеми проблеми кои децата или родителите им ги соопштувале на СОС телефонот во текот на изминатата година, а кои се однесуваат на семејното насилство, бракоразводните постапки и меѓуврсничкото насилство помеѓу децата.

Координаторот на СОС телефонот за деца и млади и психолог, Јана Зенговска, рече дека заедничкото пренесување на информации и реакцијата на надлежните институци, најдобро доведуваат до заштита на децата на кои им треба помош во даден момент.

Оттаму апелираат и дека за решавање на овие проблеми и спречување на злоупотребата на децата, најдобро е тие што побргу да бидат вклучени во образовниот процес.

– Раното вклучување на децата во градинките, добивањето на бенефиции од страна на државата, стекнувањето на други животни навики, спречувањето на дискриминацијата по социјалниот статус, обезбедувањето на топли обувки и храна, се најдобрите начини за превенција на злоупотреба на децата, за на тој начин да имаме едно дете помалку на улица и овие деца да можат да стигнат до задолжителното основно образование – посочи Драги Змијанац од „Меѓаши“.

СОС телефонот за деца и млади функционира 26 години и на него досега се регистрирани вкупно 20.742 повици.