Коѕијас: Посакувам Договорот од Преспа да е светол пример за проблемите во регионот

Тој истакна дека со постигнатиот компромис во Преспа двете страни покажалe дека „никој не може да го презира другиот и никој не може другиот да го стави во ќош“.

76

Посакувам договорот од Преспа да се имплементира и да биде светол пример за решавање на проблемите во нашиот регион, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во говорот на почетокот на Конференцијата за стабилност и безбедност на Родос.

Тој истакна дека со постигнатиот компромис во Преспа двете страни покажалe дека „никој не може да го презира другиот и никој не може другиот да го стави во ќош“.

– Не можеме да живееме со реваншизам и иредентизам. Потребно ни е да го прифатиме постоечкото и да најдеме правила за да живееме заедно. Ова го покажа и го покажува договорот од Преспа, кој посакувам да се имплементира и да биде светол пример за сите проблеми во нашиот регион, договорот покажува дека овде немаме спротивставеност меѓу Северномакедонците и Грците, туку имаме спротивставеност, и ова важи за сите конфликти, меѓу силите што сакаат решение и силите на инерција, на кои им одговара нерешавањето и мислат дека може да имаат корист- рече министерот за надворешни работи на Грција во неговиот говор пред почетокот на првиот работен ден.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија коментираше дека третата Конференција на Родос оваа година има најголем број учесници, а меѓу поканетите, за прв пат бил и неговиот македонски колега, но не можел да дојде бидејќи, како што рече Коѕијас, „Никола Димитров имаше „битка“ во Собранието за Договорот што го потпишавме“.

Говорејќи за регионот, шефот на грчката дипломатија објасни дека соработката на северната грчка граница е подобра од лани, а Грција ја поддржува европската перспектива на Македонија и Албанија.

– Земјите Северна Македонија, Албанија, Бугарија и Грција, ја продлабочуваме нашата соработка и од лани започнавме соработка на балканските земји со земјите од Вишеград и го поддржуваме, во овој период, признавам со тешкотии од други страни, почетокот на преговори на Северна Македонија и Албанија со Европската унија, што ќе биде голема придобивка за сите нас, овие две држави што се дел од нашата соработка да влезат во унијата- рече министерот за надворешни работи на Грција.