Каракачанов до Заев: Не ја злоупотребувајте темата за македонскиот јазик

Според Каракачанов, историјата на денешна Македонија е заедничка со онаа на Бугарија до 1944 година, па бара анекс на Договорот за добрососедство во кој официјалните власти од другата страна на границата ќе го признаат тоа.

409

Господине Заев, не ја злоупотребувајте темата за македонскиот јазик, тоа може да ве чини членство во ЕУ и во НАТО, му порача бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, инаку лидер на бугарската ВМРО, на македонскиот премиер.

Во изјавата, како што пренесува бугарскиот портал Њуз.бг, Каракачанов вели дека нема да дозволи компромиси со историјата на Бугарија, коментирајќи ја изјавата на Заев во македонското Собрание дека со Договорот со Грција се признава македонскиот јазик и никој нема право да се спротивставува на тоа.

– Северна Македонија е географско именување кое вклучува и земји од Република Бугарија. Заев утре може да посака целосно идентичен бугарски дијалект да биде изучуван како официјален странски јазик кај нас. Тоа е недозволиво. Тоа е провокација -вели Каракачанов.

Тој ја нападна работата на бугарско-македонската комисија за историски прашања „оди во насока која не е во корист на историската вистина” и изразува загриженост од фактот што една ипол година по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија не е претставен „список на учебници од македонска страна во кои според тврдењата има националистички, реваншистички, авторитарни тврдења кои ја претставуваат Македонија како новоослободена бугарска земја и се против интересите на македонското општество”.

– Најголемата дрскост од македонска страна е посегањето по приказната за Хан Кубрат, Цар Самуил, Браќата Миладиновци итн., за кои се претендира на историска припадност  – вели каракачанов и додава дека е против, како што го нарече „агресивното однесување” на Македонија.

Тој уште нагласува дека „македонските земји се бугарски и тоа е историски факт”.

Според Каракачанов, историјата на денешна Македонија е заедничка со онаа на Бугарија до 1944 година, па бара анекс на Договорот за добрососедство во кој официјалните власти од другата страна на границата ќе го признаат тоа.

– Ако се против тоа, нема да добијат наша поддршка за НАТО и ЕУ. Нема да дозволам компромиси со историјата – вели Каракачанов.