Ивановски: Ако се докаже дека Иванов бил дел од целото сценарио за 27 април, не би сакал да сум му во кожата

На крајот може да излезе дека се работи за класично злосторничко здружување кое имало цел да ја преземе власта на нелегитимен и на насилен начин. А добро знаеме колку се ригорозни казните за сторителите на вакви дела – објаснува Ивановски.

2689
Фото МИА

Покрај вербалните докази за „крвавиот четврток“, потребно ќе биде да се соберат и материјални докази, но тоа не значи дека вербалните се помалку важни и помалку веродостојни од материјалните, посочува поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, коментирајќи ги сведочењата на браќата Младеновски за настаните од 27 април, во кои двајцата посочија дека шефот на државата вечерта имал намера да прогласи воена состојба.

– Судот ќе ги прими сите докази и ќе ги стави на вага, а тоа значи дека огромна важност ќе имаат и вербалните докази што произлегоа од сведочењата на двајцата сведоци за предметот „27 април“. Тврдењата дека претседателот Иванов планирал во 22 часот на 27 април да воведе вонредна состојба засега се сметаат за индиции и за сомнежи, меѓутоа ако навистина се докаже дека шефот на државата бил дел од целото сценарио, тогаш не би сакал да му бидам во кожата. Работата е многу сериозна ако се земе предвид дека наскоро треба да се прошири целата постапка. На крајот може да излезе дека се работи за класично злосторничко здружување кое имало цел да ја преземе власта на нелегитимен и на насилен начин. А добро знаеме колку се ригорозни казните за сторителите на вакви дела – објаснува Ивановски во изјава за весникот „Слободен печат“.