Иванов: УБК е жариштето на кризите, некој сака да го вмеша Кабинетот на Претседателот

Советник од неговиот Кабинет не бил во зградата на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април, вели Иванов и додадва дека бил генералниот секретар Борис Јосифовски и за тоа има дадено исказ кај јавниот обвинител.

323

Во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување вонредна или воена состојба, рече претседателот  Ѓорге Иванов обраќајки се на граѓаните, со цел, како што рече, да ги разобличи сите лаги, конструкции и црни сценарија со кои бевме бомбардирани во изминатиот период.

– Од почетокот на мојата функција, одговорно ја претставувам државата и убеден сум дека само со чесен и транспарентен пристап ќе можеме да се спротивставиме на лагите за наводна вмешаност на мојот Кабинет, на АРМ и Агенцијата за разузнавање околу настаните на 27 април. Во Кабинетот на Претседателот на РМ никогаш не се разговарало ниту се размислувало за прогласување на воена или вонредна состојба. Со тоа ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување воена или вонредна состојба – рече Иванов.

Ги повика странските претставници да излезат и да ги посочат тие кои му вршеле притисок.

– Сценариото за воена и вонредна состојба немало, освен ако во РМ не функционирал паралелен врховен командант на вооружените сили и паралален Генерал штаб на АРМ – истакна Иванов.

Вистинското прашање, според него, е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби Кабинетот на претседателот на РМ и да креира лажна перцепција за прогласување воена или вонредна состојба.

-Оние кои ме обвинуваат и создаваат лажни вести со цел да ја делигитимираат институцијата Претседател, ги упатувам на член 124 од Уставот, каде стои дека воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката, кога Републиката е нападната или и е објавена војна. Согласно член 125 од Уставот, вонредна состојба настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Почитувани мои граѓани, на 27 април немавме ништо од ова – рече Иванов.

Потенцира дека година и половина тој како претседател на Република Македонија и неговиот  Кабинет се постојана мета на лажни вести и лажни конструкции, со цел по секоја цена да ги вмешаат во настаните од 27 април.

– Од 21 април 2017 година, без никакви докази и индиции се обвинува Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Се вршат притисоци и закани кон мене, со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во Република Македонија и политиките кои ги спроведува актуелната Влада – истакна Иванов и повтори дека нема да отстапи од своите ставови.

Тој оцени дека ова не е ништо друго освен класична хајка и линч, со очајно смислено сценарио против него, неговиот Кабинет и институциите и увери дека со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести нема да се прикрие реалноста и вистинските нарачатели на настаните од 27 април. Според него, Кабинетот на Претседателот не е дежурна служба за давање алиби.

Во обраќањето посочи дека деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април и укажа дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара.

Ги охрабри сите оние кои го обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции што се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник.

Според него, овие институции треба да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба.

-Доколку Генералштабот јасно и недвосмислено демантираше инволвираност околу настаните од 27 април, или какви било сценарија за воена или вонредна состојба, не можам, а да не поставам уште едно прашањето пред целата македонска јавност. – Во периодот кога деновите пред доставување на официјална покана за членство во НАТО се одбројуваат, кому му одговара,  да ја деградира Армијата која го ужива најголемиот углед меѓу вас граѓаните, но и која што единствената институција за која нема забелешка во исполнувањето на критериумите и стандардите на НАТО – рече Иванов.

Тој  потсети дека како претседател уште пред две години укажал дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија.

– И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета. Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот Кабинет и да ме става мене како Претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел. Со планиран истек на клаисфицирани податоци се гради лажна перцепција за на крај да се конструира судско-полициски случај – потенцира претседателот на Република Македонија.

Тој посочи дека обвинителката Вилма Рускоска јасно потврдила дека Јавното обвинителство нема докази за вмешаност на Кабинетот на Претседателот во настаните од 27 април, дека генералштабот на АРМ исто така, демантирал инволвираност во настаните од 27 април и повикал на транспарентност во доставување на информации во врска со овие настани, а Агенцијата за разузнавање, најостро ги осудила сите обиди за вмешување во конструкции и лажни вести, и праша дали исказите на обвинетите се порелевантни од тврдењата на надлежните институции и носителите на јавни функции.

Одговарајќи на новинарски прашања Иванов рече дека судот ќе каже кои се вистинските нарачатели на настаните на 27 април.

– Целиот ден бев со мојот Кабинет. И вечерта дома кога го видов настанот на телевизија побарав од мојот генерален секретар да го свика Кабинетот, тука бевме речиси до после полноќ, ги следевме ситуациите преку телевизија и во тие моменти се подготувавме како да ја смириме нацијата, која порака да ја пратиме, да ги смириме тензиите бидејќи состојбата можеше да излезе од контрола – рече Иванов.

Советник од неговиот Кабинет не бил во зградата на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април, вели Иванов и додадва дека бил генералниот секретар Борис Јосифовски и за тоа има дадено исказ кај јавниот обвинител.

–  Мојот советник за национална безбедност Алексовски беше упатен на службен пат и требаше да стигне во Вашингтон. Кога се случи настанот го барав под итно да се врати, го симнав речиси од аеродром од Истанбул, бидејќи тргна со автомобил за Истанбул и го вратив да дојде. Тој некаде во еден часот после полноќ пристигна. Така што, тој сите извештаи што ги има, ги има доставено до Обвинителството. Мојот советник секои шест месеци е подложуван на полиграф. Би сакал и другите советници како мојот советник за национална безбедност да одат на полиграф и таму да докажат дека тоа што го работат навистина не се коси ниту со закон, ниту со правила на службата. Јосифовски  го побарав да дојде и да го свика Кабинетот кога ги видовме настаните на телевизија – рече Иванов, дополнувајќи дека се видело дека Јосифовски бил во партијата.

Од кај нас, посочи Иванов, не истекле класифицирани информации.

– Постојано повикуваме и укажуваме дека е казниво истекувањето класифиицирани информации. Во медиумите имаше објавување државни тајни. Кој дозволил државна тајна да излезе од УБК? – праша Иванов.

Тој вели дека не се плаши од импичпмент и охрабрува да биде покренат.

– Ги охрабрувам да покренат кога сакаат – рече Иванов.

Во  коментар на шпекулациите во дел од медиумите дека се подготвува негово апсење од страна на актуелната власт, Иванов рече дека „можат се да направат“.

– Кога видовме што се случува во овој период кога се на власт, човек не треба да го изненадува ништо, но, во оваа држава постојат институции – наведе претседателот.

Од оваа временска дистанца, како што рече, не се кае што ги прифатил гаранциите од премиерот Зоран Заев и му го дал премиерскиот мандат.  Гаранциите ги активирал за законот за јазици и за договорот со Грција.

Во коментар на најавата од грчкиот премиер Алексис Ципрас дека ќе бараат амандман во ОН со кој ќе се дефинира македонскиот како посебен јазик, Иванов рече дека тоа е одговор за тврдењата на премиерот Заев дека „јазикот бил признат“.

– Еве ви изјава и самите вие потврдувате до каде е признавањето на македонскиот јазик од страна на Грција. Инаку, тој јазик знаете во официјалниот регистар на ОН никој не го оспорил досега и сите го користат како македонски – рече Иванов, кој немаше коментар на бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.