Иванов: Договорот со Грција е резултат на словољубие

Иванов го повтори својот став во однос на договорот со Грција и претстојниот референдум. Тој нагласи дека никој нема право да тргува со името на Македонија.

223

Претседателот Ѓорѓе Иванов остро го нападна Договорот со Грција за решавање на спорот околу името во денешниот говор по повод празникот Илинден во Крушево.

– Оваа влада се обидува да ме заобиколи мене. Ако некогашниот договор за признавање на Тајван беше резултат на среброљубие, договорот со Грција е резултат на словољубие. Лага е дека со овој договор се менува само името, се менува и идентитетот. Се брише државно-правниот континуитет на Македонија. Лага е дека со овој договор се гарантира членството во ЕУ и НАТО. Без борба против партискиот клиентелизам и без реформи нема членство во ЕУ и во НАТО – рече Иванов.

Според него, со прифаќањето на овој договор ја сечеме гранка на која седиме.

– Лага е дека со овој договор ќе сме станеле рамноправен субјект, напротив, се деградираат нашите права во Обединетите нации. Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата република. Со овој договор правно се укинува македонскиот народ. Сакаат да го убедат македонскиот народ да изврши правно самоубиство – рече тој.

Иванов го повтори својот став во однос на договорот со Грција и претстојниот референдум. Тој нагласи дека никој нема право да тргува со името на Македонија.

– Не го прифаќам грчкиот договор кој е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на Република Македонија. Нема да ме поколебаат разните притисоци, останувам доследен на мојот принципиелен став. Повикувам да престане да се злоупотребуваат нашите стратегиски цели. Денес судбината на Македонија е во рацете на народот. Верувам дека народот е доволно мудар да ја одбрани својата Република, која ја создал – рече Иванов денеска во Крушево.