Инфективна се полни со заболени од мали сипаници, истрагата за вакцините се уште трае

На Клиниката за инфективни болести од морбили се лечат вкупно 26 пациенти. Најмалиот пациент има само осум месеци, а најстариот е 34-годишна мајка на заболено дете. Последните две деца беа примени вчера. Станува збор за едно дете од селото Крушопек-Сарај и има 1 година и едно 9 месечно дете од населбата Шуто Оризари, двете невакцинирани.

-Во моментот пациентите се во стабилна состојба, кај помалите компликациите се поизразени, но вообичаени ентероколити (прилив) и бронхит. Но, не може да прогнозираме како тоа ќе се развива. За разлика од грипот, кај морбилите бројот на пациенти расте постепено, бидејќи инкубацијата трае подолго. Затоа очекуваме во наредниот период да се зголеми бројот на пациенти со морбили – вели Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.

Таа вели дека засега капацитетите на клиниката може да одговорат на потребите, но за во иднина ако има потреба ќе се бара и друг простор каде што би биле згрижени овие пациенти. Но сепак многу не може да се импровизира, бидејќи најчесто комликациите се јавуваат кај многу мали деца.

Од Министерството за здравство велат дека и денеска инспекторите се на терен и прибираат податоци за тоа како настанал пропустот во кој делкарации со поминат рок биле залепени на пакувањата на вакцините. Од ресороното министерство не даваат одговор на прашањето дали ќе се пролонгира почетокот на второто полугодие на учебната година.

– Комисијата за заразни болести до крајот на неделата ќе донесе конечна одлука дали ќе биде потребно да се пролонгира почетокот на училишната година. Засега нема други препораки од Комисијата – велат од Министерство за здравство.

Министерот Венко Филипче изјави дека се размислува за можноста, со теренска вакцинација, да бидат вакцинирани со МРП вакцина сите невакцинирани ученици на првиот ден од почетокот на второто полугодие.

– Процентот на невакцинирани деца е голем кај децата кои одат во градинка. Нешто подобар е процентот на школски деца. Сепак, на состанок со епидемиолозите ја дискутиравме оваа можност, ако продолжи епидемијата, опција да биде теренската вакцинација на првиот училиштен ден – рече Филипче.