Груевски потрошил 19 милиони евра за ужасните преводи што скапуваат по магацини

15
Фото МИА

Преку десетгодишниот владин проект „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“ реализиран од Владата од 2008 до 2017 година, печатени се 770 наслови во тираж од 1.000 примероци по книга, за што се потрошени најмалку 19 милиони евра народни пари, покажува истражувањето на Порталб.мк.

Илјадници лошо преведени книги од помпезно насловениот проект на Владата на Груевски „1.050 книги“ скапуваат по влажни магацини, а деветнаесет милиони евра завршија во темните депоа во Скопје и во Гостивар, пишува порталот Порталб во своето истражување на оваа тема.

Преку десетгодишниот владин проект „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“ реализиран од Владата од 2008 до 2017 година, печатени се 770 наслови во тираж од 1.000 примероци по книга, за што се потрошени најмалку 19 милиони евра народни пари, покажува истражувањето на Порталб.мк.

Иако целта на проектот беше литературата да ја користат студентите во Македонија, таа намерно или ненамерно е промашена – повеќето од книгите не се користат поради лошите преводи и многубројните грешки.

Неколку десетици илјади примероци се наоѓаат во нечист и неуреден магацин на Министерството за образование и наука во Гостивар и уште десетици илјади други во исти услови во магацините на Министерството за култура во Скопје.

За неколку стотици примероци нема ни трага ни глас, не се знае ни што сè е објавено затоа што нема соодветна евиденција. Исто така, постои сомнеж за бројни прекршувања на Законот за јавни набавки. На тендерите добивале фирми што биле партиски донатори.

Првично била планирана само една фаза за превод на 500 наслови, но како минувале годините, бројот на наслови се зголемил. Проектот започнал во 2008 година кога Секретаријатот за европски прашања на чело со Ивица Боцевски (сега амбасадор во Бразил) се обврзал да го координира процесот. Според планот на Боцевски, морало да се спроведат тендерски процедури во 16 министерства. Планот бил да се објават 500 наслови во по 1.000 примероци, вкупно 500.000 книги, но досега, документи има за само 220.000 објавени примероци од книги од ова фаза.

Околу 25.000 примероци од насловите на албански јазик, кои не се распределени во ниедна институција, се чуваат во магацин во Гостивар, кој е во многу лоша состојба. Има влага и прашина, валкан е и пренатрупан со книги од 2009 до 2017 година за кои не се води никаква евиденција. Книгите се речиси ставени на земја и не се наредени по никаква основа, ниту алфабетска.

Од МОН информираат дека уште десетици илјади други книги во исти услови се наоѓаат во магацините на Министерството за култура во Скопје.

За проект што траел 10 години, се направени две ревизии, во 2010 година и во 2016 година. Првата ревизијата наведува дека МОН ги прекршило законските одредби какви што се: обезбедување конкуренција, еднаков третман на конкурентите, недискриминација, транспарентност, рационално и ефикасно користење на средствата, како и распределба на средствата според договорот за јавната набавка. Во ревизијата од 2016 година се вели дека препораките од првата ревизијата не биле земени предвид и дека МОН продолжил да ги крши законските одредби за јавни набавки. Во овој извештај е наведен и проблемот со неуредниот магацин во Гостивар во кој се чуваат книгите.

Сепак, и по две години од МОН нема никаков список на институциите што добиле книги и од која издавачка куќа. На прашање на порталот, од МОН одговориле дека е во тек внатрешна ревизија, за чии резултати јавноста ќе биде известена.