Епидемија на мали сипаници во Дебар, на удар цела Македонија

Лабораторискиот примерок да се испраќа во Вирусолошката лабораторија во Институтот за јавно здравје на РМ, како референтната лабораторија на СЗО во РМ за конфирмација на мали сипаници.

175

До Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) минатата недела е пријавена епидемија на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар, со вкупно 9 заболени лица. Заклучно со 19.07.2018, бројот на заболени лица во епидемијата се зголеми на 17 случаи.

Сите заболени во епидемијата се во меѓусебна епидемиолошка врска и сите се жители на Дебар, со исклучок на една жена која е жител на Охрид, но секојдневно патува во Дебар каде што работи.

Првите два пријавени случаи заболени на 25 мај, 2018 година се брачни партнери, кои го негувале болниот син со слични клинички симптоми по враќањето од Албанија, каде престојувал во време на можна инкубација. Ова лице за време на болеста не побарало лекарска помош, не било тестирано и не е пријавено како случај.

Во однос на возраста, 11 од заболените се на возраст над 30 години, 3 лица се на возраст од 20-29 години, и по едно лице припаѓа на возрасните групи: од 15-19 години, од 1-4 години и под една година.

Што препорачува ИЈЗ

Да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески во Дебар, но и во останатите градови во Републиката. Секој суспектен случај на мали сипаници кој ги исполнува критериумите на дефиницијата на случај потребно  епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира, велат од ИЈЗ.

За таа цел, да се продолжи со анимација на матичните лекари/педијатри/инфектолози да ги пријавуваат сите суспектните случаи до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје (по телефон, маил), во рок од 24 часа од поставување дијагноза или сомнение.

Секој пациент со исипна треска да го упатуваат на преглед кај специјалист инфектолог, во најблиската здравстена установа.

Дополнително најдоцна за 24 часа од утврденото сомнение на мали сипаници, да достават Пријава за заболување/смрт од заразна болест до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје/ПЕ, согласно законската регулатива, и повторно нова пријава по лабораториската конфирмација на болеста.

Истата процедура во однос на пријавувањето се однесува и на лекарите-специјалисти инфектолози во болничките установи.

Пациентите кои се хоспитализирани треба да се изолираат, а бројот на посетители да се сведе на минимум односно да се превземаат мерки за спречување на интрахоспитални инфекции. Доколку лицето не е хоспитализирано, да се препорача изолација во домашни услови, додека трае заразноста.

Од сите суспектни случаи треба да се земе примерок од крв за серолошко испитување, како и друг соодветен биолошки материјал за молекуларна дијагностика.

Лабораторискиот примерок да се испраќа во Вирусолошката лабораторија во Институтот за јавно здравје на РМ, како референтната лабораторија на СЗО во РМ за конфирмација на мали сипаници.

Во сите вакцинални пунктови на територијата на РМ да се продолжи со засилената контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање.

Спроведување на здравствено-едукативни активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.

Медиумски настапи со цел информирање на населението за состојбата со мали сипаници во Р. Македонија, како и за заштита од оваа болест со посебна нагласеност на вакцинацијата, проверката на вакциналниот статус пред патување и информирање дека СЗО препорачува дека целосна заштита против мали сипаници е со две дози со МРП вакцина, велат од ИЈЗ.

еМагазин