Едно лице под истрага за неовластено пуштање во промет наркотична дрога – марихуана

545
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.

 

Лицето е осомничено дека од друго засега непознато лице, неовластено заради продажба набавило околу 1,8 килограми наркотична дрога марихуана. При претрес на неговиот дом на улица „Благоја Паровиќ” во Скопје, од страна на полициски службеници било утврдено дека дрогата неовластено ја држел кај себе заради продажба, спакувана во пластично буре на балконскиот простор, во кеси со различна нето маса, како и во јутена бела вреќа во подрумските простории. Дополнително, при претресот кај него била пронајдена и дигитална вага со остатоци од наркотична дрога – марихуана.

Надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности кои го оправдуваат стравот од опасност од бегство на осомничениот – неговата возраст, видот, карактерот и тежината на кривичното дело за кое е осомничен, висината на запретената кривична санкција за ова дело, како и фактот што лицето досега е осудувано, поради што основано може да се очекува дека осомничениот ќе се крие, односно ќе се даде во бегство.

Со оглед на тоа, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Предлог за определување мерка притвор, а судијата го прифати ваквиот предлог и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје.