Димитров: Следната 2019 година ќе добиеме покана за почеток на преговорите со ЕУ

Македонија требаше да ја добие поканата за почеток на преговорите во јуни годинава на самитот на ЕУ, но поради противењето на Франција и Холандија, поканата беше одложена за јуни 2019 година.

99
Фото ЕПА-ЕФЕ/Георги Личовски

Следната, 2019 година, треба да донесе почеток на преговорите за членство во ЕУ на Македонија, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за денешното издание на весникот Тагесшпигел, пренесува Дојче веле.

– Во поглед на нашите постигнувања, сакаме да го направиме невозможно евентуалното непостигнување консензус меѓу земјите-членки на ЕУ за почеток на преговорите за членство – вели Димитров.

Македонија требаше да ја добие поканата за почеток на преговорите во јуни годинава на самитот на ЕУ, но поради противењето на Франција и Холандија, поканата беше одложена за јуни 2019 година. И тогаш, како и следната година, главниот адут останува решавањето на спорот за името со Грција.

Во разговорот, Димитров вели дека за неговата земја „процесот на влегување во ЕУ е поважен од временската рамка“.

Нашата највисока цел не е влегувањето во ЕУ само по себе, туку сакаме да го искористиме процесот на преговори за да се европеизираме – вели Димитров.

Димитров е убеден дека нема да изостане поддршката на опозицијата и во следните гласања во парламентот, кога повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство за имплементација на Преспанскиот договор и измени на Уставот.