Џафери: Договорот со Грција повторно на собраниска седница на 5 или 6 јули

10

На 5. или 6. јули Законот за ратификација на Договорот со Грција ќе биде повторно ставен на дневен ред  во Собранието, најави собранискиот спикер Талат Џафери, на брифинг со новинарите.

– Нема што да се чека, според евиденцијата, пратениците се тука, така што најверојатно на 5 или евентуално на 6 јули ќе биде закажана седницата за Законот за ратификација на Договорот. Тоа што претседателот  Ѓоерге Иванов не ги потпишува ниту Договорот, ниту Законот за јазици, е лоша пракса на мешање на власта. Собранието има свои надлежности и своите одлуки ќе ги спроведе до крај – рече Џафери кој не сакаше да открие дали ќе го стави својот потпис на местото на потписот на Иванов.

Законот за ратификација на Договорот, како што најави спикерот, ќе биде објавен во Службен весник, во пакет со Законот за употреба на јазици кој исто така не е потпишан од претседателот на државата.

– Не може ниту една институција да не попречи, сите институции се должни да го почитуваат Уставот. Ако кој сака може да ја попречи работата на Собранието, тогаш ова не е парламентарна демократија – дециден беше Џафери.