Денеска се слави Св. Климент Охридски

Се смета дека е автор на опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа.

89

Со денешниот државен празник се одбележува делото на словенскиот просветител, писател, епископ и создавач на Охридската книжевна школа.

Свети Климент Охридски е ученик и следбеник на делото на Светите Кирил и Методиј и заедно со Наум Охридски ја продолжува нивната мисија за зачувување на словенскиот јазик.

Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година Светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил во Рим Свети Климент заедно со Свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба.

По смртта на Св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година Свети Климент заедно со Свети Наум и Свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде Св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа, наречена и прв словенски универзитет, во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност.

Се смета дека е автор на опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа.

Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Неговото име го носи и универзитетот во Софија. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државната награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството.