Декларации со поминат рок биле залепени на повеќе од 600 МРП вакцини, а не на 67

Во сите вакцинални пунктови во земјава се најдени 635 вакцини кои штитат од мали сипаници, рубеола и заушки со декларации со поминат рок, а не 67 како што првично информираа на заедничката прескофернеција министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Агенцијата за лекови Ќахил Ибраими. Колку вакви вакцини се потрошени, односно аплицирани на децата, никој не може да каже бидејќи не е познато колку вкупно биле со погрешни декларации од 28.000 колку што биле набавени од истата серија.

Како што неофицијално дознаваме Комитетот за имунизација побарал да има одговорност на сите ниво за тоа што овие вакцини завршија во одделенијата за имунизација.

Во Скопје МРП вакцини со погрешни декларации биле најдени во здравствените домови во Ченто, Јане Сандански и Бит Пазар, како и во седум други домови низ земјата.

Извори од Агенцијата за лекови велат дека во 2018 година имало само две поплаки за несакани ефекти од МРП вакцина од кои едната била за поголема болка и другата за покачена температура.

Министерството за здравство најави дека во текот на денот ќе излезе со подетални информации за случајот.