Чемерски го одбра сликарството под влијание на вујко му Петар Мазев

127

Преку оваа изложба се одбележуваат неговите живот и дело. Поставени се негови слики кои се сопственост на локалната самоуправа, на кавадаречкиот музеј или на приватни колекционери.

Пишува Светлана Дарудова, Кавадарци

Глигор Чемерски беше сестран талент, а врвен сликар стана под влијание на вујко му Петар Мазев.

Ова на отворањето на изложба со слики од Чемерски во родното Кавадарци го кажа пензионираниот универзитетски професор Кирил Темков.

– На околу осум години, фамилијата на Гиче се исели во Скопје, но тој никогаш не заборави, туку напротив, секогаш како и јас, се фалеше дека е од Кавадарци. Илјадници низ целиот свет, од илјадници професии, меѓу кои многу уметници, беа негови пријатели – потсети Темков пред присутните.

Едниот брат на Глигор бил првак на Македонија во возење на мотор по ридишта и нерамни места, другиот бил тренер професор, а како тренер по ракомет за девојчиња постигнал врвни резултати во поранешна Југославија. Сестра му завршила Ликовна академија, па предавала сликарство, цртање и уметност во средното градежно, потоа и во уметничкото училиште.

Гичо бил најмалиот, најпалавиот, но и највеселиот, според сите што го познавале. Татко му Добри се одликувал со извонредни танчерски способности. Се натпреварувал кога свиреле чалгиите и честопати бил најдобар играч. Мајката на Гиче била прочуена шивачка и од неа тој најверојатно попримил многу од својот исклучително важен елемент во сликарството, сликарската елеганција.

– Гиче беше најдобар писател кога беше петнаесетгодишник во гимназија, во конкуренција на ниво на цела тогашна Југославија. Доби награда на собирот на самоуправувачите, за описот што значи тоа да бидеш слободен и што е тоа да самоуправуваш. Го пратија во Белград во Домот на синдикатите меѓу две илјади луѓе. Кога го примија, во себе носеше уште еден талент. Тој талент му остана целиот живот, а тоа е да знае да зборува, да сака да измислува, да има фантазија за зборување, не само сликарска. И да создава текстови. Тој создаде неколку од најубавите есеи за сликарството во историјата на Македонија. Меѓу нив и тој за Византиската уметност, за манастирот Курбиново. Влијанието на вујко му Петар Мазев влијаеше можеби да се определи за сликарството, а не за писателството. Тој ќе беше голем писател и голем есеист, голем романсиер. Одлучи да биде сликар под влијание на вујко му. Работеа заедно.
Двајцата заедно се на врвот на модерното македонско сликарство – категоричен беше Темков.

Преку оваа изложба се одбележуваат неговите живот и дело. Поставени се негови слики кои се сопственост на локалната самоуправа, на кавадаречкиот музеј или на приватни колекционери.

Сузана Шалева, шеф во кавадаречкиот градоначалнички кабинет, нагласи дека Општина Кавадарци ќе продолжи да ги поддржува сите културни манифестации.
Чемерски се образувал во Кавадарци, Скопје, Белград и Париз. За време на својот живот реализирал повеќе од 70 изложби ширум светот. Беше единствениот македонски ликовен уметник, почесен член на руската Академија за уметност и науки „Империјал“.