Битола: На долгот му се куси нозете?

443

Дали долгот е 13 милиони евра, колку што обелодени во ноември градоначалничката Петровска или пак 3,5 милиони евра, колку што пишува во завршната сметка на буџетот за ланската година што ја разгледуваше Советот, останува отворено прашање.

Пишува Анета Блажевска, Битола

Колкав е реалниот долг што бившата локална власт ѝ го остави на Општина Битола? Дали 13 милиони евра колку што обелодени во ноември градоначалничката Нашата Петровска или пак 3,5 милиони евра, колку што пишува во завршната сметка на буџетот за ланската година, која вчера се најде на усвојување пред битолските советници?

Денеска на седницата на Советот не дојде градоначалничката Наташа Петровска да ја образложи завршната сметка. Претседателот на Советот, Валентин Груевски, ја оправда дека е на службен пат во Скопје.

Битолската опозиција од ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и градоначалничката Петровска дека ги излажале граѓаните со аргументи дека завршната сметка на буџетот на Општина Битола за 2017 покажала дека долговите се 3,5 милиони евра, а побарувањата на Општината изнесуваат 5,5 милиони евра.

За советникот Борче Димитровски нема оправдување како да се објасни големата разлика во бројки.

– За да бидат подрастични искажаните податоци, како обврски се вкалкулирани повеќе од еден милион евра, коишто наводно произлегуваат од судски постапки што се во тек. Тоа отвора дополнителни прашања околу веродостојноста на овој податок, кој е дел од завршната сметка. Ако досега говоревме за лицемерие и алиби-политика по искажаните груби невистини, ова очигледно покажува за какви луѓе станува збор – обвини Димитровски.

Според математиката на Димитровски „се покажа долг од 10 милиони евра помалку, меѓутоа, ако се вкалкулираат побарувањата кои се 5,5 милиони, кога би се наплатиле, сметката би била во позитива.

Од независната советничка група „Поинаку“, рекоа дека нема да присуствуваат на разгледувањето на точката за завршната сметка на Општината од причина што претходно побарале да се формира Комисија за ревизија на работењето на ексградоначалник Владимир Талески во изминатите 12 години, но барањето им било одбиено од мнозинството советници.

– Главна причина е неприсуството на градоначалничката на ваква важна седница за Општината. Со своето недоаѓање, Петровска по ништо не се разликува од претходниот градоначаланик, кој го гледавме само по телевизии и кој комуницираше со Советот само преку пресови со одредени новинари. Второ, не сакаме да присуствуваме, бидејќи и покрај ветувањата на власта нема јавност на седницата, нема камери да пренесуваат што се случува и како се трошат парите на граѓаните на Општина Битола. Ние не можеме да поддржиме криминали за коишто укажувавме дека ги имало претходно, во мандатот на Талески. Завршната сметка е потпишана од Петровска. Некој дал амин на она што се случувало претходно во Општината – рече Габриела Илиевска, независен советник.

СДСМ: „Весела математика“ на опозицијата

Од мнозинството во Советот ваквите обвинувања на опозицијата ги окарактеризираа како „весела математика“.

– Мислам дека веселите математики на ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно овојпат ги имаат измешано, како што ги измешаа и бројките кои ги претставуваа во претходните буџети. Реалниот долг на Општина Битола и на јавните претпријатија е енормен и мислам дека тие невистини се гол популизам на ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалничката Петровска мислам дека не е повикана на расправата за овој буџет, зашто за реализацијата на буџетот во 2017 година, 99 проценти е заслужен Владимир Талески – рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ.

Во ноември, кусо по седнувањето во градоначалничката фотелја, Петровска обвини дека Општина Битола е неликвидна и заглавена во долгови од 12, 5 милиони евра. Таа јавно ги изнесе состојбите и случувањата што ги затекна во Општината, обвинувајќи го Талески дека не само што оставил долгови, туку и ги потрошил парите за инфраструктура и за други зафати за наредните три-четири години, а преземените обврски се колку буџетот за една и пол година.

Петровска јасно напомена дека податоците што ги презентира не се паушални, туку стручно изработени од комисија која направила попис на финансиското работење, иако имало вработени во Општината кои го саботирале пописот.

– Бројките, за жал, се разочарувачки. На денот на пописот, 31 октомври, Општина Битола за пристигнати и преземени обврски била задолжена 768.218.028 денари, или 12.491.350 евра – рече тогаш Петровска.