Баџанакот на Џафери нема намера да се повлече од Антикорупциска – Нека заврши шоуто и да почнеме со работа

Нури Бајрами воедно беше избран и за заменик претседател на ДКСК. Изборот беше спроведен со влечење на ждрепка, а на оваа позиција ќе се менуваат антикорупционерите на секои шест месеци.

132

На денешната прва седница на новоизбраната Антикорупциска комисија, како петта точка беше ставено прашањето дали постои судир на интереси поради тоа што новоизбраниот член на Комисијата, Нури Бајрами, е баџанак на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Повикувајќи се на одлука на Уставниот суд број 24 од минатата година, и новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси, Комисијата утврди дека во овој случај не постои судир на интереси.

– Согласно член 8, став 7, под поимот блиски лица се подразбираат лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврт степен, роднините по сватовство до втор степен како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има финансиски интерес – рече претседателката на новата Антикорупциска Билјана Ивановска, цитирајќи го Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Нури Бајрами воедно беше избран и за заменик претседател на ДКСК. Изборот беше спроведен со влечење на ждрепка, а на оваа позиција ќе се менуваат антикорупционерите на секои шест месеци. Изборот на Бајрами предизвика смеа на седницата кај новинарите при што тој порача да се почитува неговиот избор за заменик претседател на Комисијата и побара „да заврши шоуто и да се започне со работа“.

– Тука имаме етика и морал и ние можеме да бидеме изземени при одлучувањето. Не сум по партиска линија овде, не сум ничиј линк, не сум тука да им служам на политичките партии. Жена ми работи во приватен сектор, а син ми е надвор од државата поради ова што се случува овде. Не само денес, туку и претходно, за мене нема блиски, не може никој да ми влијае, а ако се утврди така, тогаш ќе си дадам оставка – рече Бајрами пред крајот на седницата.

Тој додаде дека не станал член на Антикорупциска за да гради кариера и дека е веќе пред крајот на работниот век.

– Следете ме, ќе ја имате мојата поддршка. Кога ќе видам дека сметам на комисијата или ја кочам, јас ќе се повлечам. Но, нема да се повлечам после ова шоу кое се приредува – објасни Бајрами.

Околу последните скандали во јавноста преку кои јавноста дозна дека роднини на пратеници и функционери се вработуваат во јавни претпријатија и институции, Бајрами рече дека ќе побара, во рамките на техничките можности, интервјуата за вработувања во иднина да се спроведуваат јавно.