дома Македонија Апелација одлучува по жалбата на Груевски за „Тенк”, ново рочиште за Јанкулоска

Апелација одлучува по жалбата на Груевски за „Тенк”, ново рочиште за Јанкулоска

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски е осуден на шест години и шест месеци затвор.

75

Фото: Слободен печат

Апелацискиот суд во Скопје денеска ќе одлучува по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски е осуден на шест години и шест месеци затвор.

Во Кривичниот суд во Скопје, денеска ќе се одржи и ново рочиште во раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за истиот предмет на Специјалното јавно обвинтелство за набавката на луксузниот „мерцедес“. Денешното рочиште продолжува со сослушување на сведоци.

На минатото рочиште, специјалниот јавен обвинител Стефчо Донев, во воведен говор, наведе дека Јанкулоска сторила злоупотреба на службената положба и овластување.

Јанкулоска, во воведен говор пред Судот, наведе дека иако постапката се одвива во сложени услови, како издвоена од предмет за кој веќе има донесена одлука, сепак ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.