Антикорупциска ќе ги чешла роднинските вработувања на функционерите и случајот со делење пари за култура

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, рече дека ќе се оди по фаза на приоритет, односно прво за оние предмети за кои јавноста е најмногу заинтересирана, но нема да заостанат и другите предмети.

63

После речиси една година без Државна комисија за кпречување на коурпцијата се насобрале предмети за одлучување. Ова денеска беше констатирано на првата седница на новоизбраниот состав на Комисијата.

На прашањето од новинарите колку предмети чекаат на одлучување и разгледување, генералниот секретар на Антикорупциска, Розета Трајан, посочи дека 60 пријави за корупција чекаат разгледување.

– Додека немаше комисија пристигнаа околу 3 илјади анкетни листови и околу 80 случаи за судир на интереси кои треба да се разгледаат. Исто така имаме и околу 30 барања за пристап до информации од јавен карактер – рече Трајан и додаде дека се е администрирано и е во фаза на одлучување.

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, рече дека ќе се оди по фаза на приоритет, односно прво за оние предмети за кои јавноста е најмногу заинтересирана, но нема да заостанат и другите предмети.

– Планираме да го испитуваме случајот со делење на парите за култура во однос на процедурата, постапката, критеирумите, ќе ја побараме документацијата, ќе истражуваме и ќе ја известеме јавноста – објаснува Ивановска.

Таа истото го рече и за сите оние вработувања на роднини и блиски на функционери и пратеници, кои ја брануваат јавноста последните неколку недели.

На седницата беше констатирано дека сегашните простории во кои се наоѓа Антикорупциска не ги задоволуваат потребите на Комисијата.

Генералната секретарка Розета Трајан, изјави дека со помош на европските фондови е набавена опрема во вредност од 600 илјади евра за работата на Комисијата да биде побрза и поефикасна.

Опремата била набавена уште во мај, но во моментов се наоѓала во просториите на Министерството за правда додека се чека обезбедување на нови простории за Антикорупциската комисија.

Трајан додаде дека доколку не се реши ова прашање во најбрзо време, Комисијата нема да може да одговори на задачата која произлегува од новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси во за претседателските избори.

Од Антикорупциска исто така порачаа до граѓаните да достават претставки до Комисијата доколку имаат сомнеж дека државни средства се користат за партиски цели.