Анкета: „За“ би гласале 41,5% на референдумот, а „Против“ – 35,1%

1227

На претпоставеното референдумско прашање, кое се поклопува со актуелното: „Дали
сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, „За“ би гласале 41,5%, а „Против“ – 35,1%, односно разликата е 6,4 процентни поени.
Ова го покажа испитувањето на јавното мислење кое за МЦМС го спроведе агенцијата
М-проспект во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година.

Сепак, помалку етнички Македонци би гласале „За“ (27,4%) отколку „Против“
(45,2%), додека кај етничките албанци поддршката „За“ е убедлива (88% наспроти само 2,2% „Против“). Повеќето млади би гласале „За“ (49,2%), а со возраста опаѓа поддршката (34,9%). Слична е тенденцијата и во однос на образованието – со поголема поддршка „За“ кај тие со повисоко образование. Во однос на партиската припадност, очекувано големи мнозинства на симпатизерите на најголемите две партии се во линија со партискиот став (75% од тие на СДСМ се „За“, а 68% од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ се „Против“), но поголемо отклонување има кај СДСМ (14,6% нивни симпатизери ќе гласаат „Против“, наспроти 4,7% од тие на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат „За“). Дополнително, 20,6% од тие на ВМРО-ДПМНЕ изјавиле дека нема да излезат на гласање.

За разлика од анкетата спроведена во април, сега нема голема разлика во однос на
тоа дали во референдумското прашање се споменуваат ЕУ и НАТО или не (во тој случај
– без ЕУ и НАТО во прашањето „За“ се 39,8%, а „Против“ би гласале 35,7%).
Мнозинство (66,4%) изјавува дека ќе излезе да гласа на референдумот, додека 19,8%
се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот, додека 11,9% се уште немаат одлучено.

Без оглед на исходот на референдумот, недвосмислена е поддршката за членство на
Република Македонија во ЕУ (80,4%) и НАТО (79,9%).

Мала информираност за Договорот со Грција

Иако 84% од испитаниците изјавуваат дека се запознаени со Договорот, степенот на
запознаеност со неговите одредби варира од нешто помалку од 20% кои сметаат дека се целосно запознаени, до 28% кои се само делумно или воопшто не се запознаени со
Договорот.

На прашањето од каде се информирале за договорот, за големо мнозинство (73%)
тоа се медиумите, потоа од социјални мрежи (14%), а 6% од пријатели. За одбележување е дека само 3% изјавиле дека се запознале од самиот договорот – односно само 32 од испитаниците го прочитале Договорот со Грција.

На контролното прашање – испитаниците да посочат како во Договорот е дефинирана
националноста (државјанството), само 17% го навеле точниот одговор (Македонци/граѓани на Република Северна Македонија).

Малцинска поддршка за повеќето од клучните одредби во Договорот, мнозинска само за јазикот и кодовите

Поголем дел од испитаниците не се согласни (делумно или целосно) со неколку од
клучните одредби на Договорот. Против промената на името во Република Северна
Македонија се 53,6% (наспроти 42,3% кои се согласни со промената). Слично е и со
дефиницијата за државјанството (nationality) каде несогласни се 56,2%, а согласни 38,3%.

Најголема е несогласноста со опсегот на употребата (ерга омнес) со 57,1% (наспроти
35,5% согласни) и за промената на Уставот (58,9% наспроти 35,1%).

Од друга страна, големо мнозинство (74,2%) даваат поддршка за решението за
македонскиот јазик (наспроти 20,6%), како и со задржувањето на кодовите МК и МКД
(83,9%).

Сепак, и покрај поголемото незадоволство од поединечните клучни одредби (7
наспроти 2 за кои има мнозинска поддршка), на прашањето за согласност со договорот
како целина, вкупно 49,1% искажале согласност (кумулативно од целосна – 34,3% и
делумна – 14,8% согласност), додека несогласност изразиле 46,8% од испитаниците.
За МЦМС, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани телефонски (CATI) во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година. Анкетата е спроведена на повеќеслоен стратификуван примерок од 1026 испитаници постари од 18 години, репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење, а дизајниран според периодичната проценка на Државниот завод за статистика од 2017 година.