дома Македонија Анкета на ИРИ: 57 отсто од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ и...

Анкета на ИРИ: 57 отсто од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ и НАТО како Северна Македонија

Новата национална анкета во Македонија, спроведена од Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) открива високи нивоа на оптимизам и поддршка за членство во Европска Унија (ЕУ) и Северно-атлантската алијанса (НАТО) пред референдумот на 30 септември.

138

Новата национална анкета во Македонија, спроведена од Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) открива високи нивоа на оптимизам и поддршка за членство во Европска Унија (ЕУ) и Северно-атлантската алијанса (НАТО) пред референдумот на 30 септември.

Анкетата укажува дека поголемиот дел од македонските граѓани се за решавање на спорот за името со Грција. Вкупно 57 проценти „целосно го поддржуваат“ (37 проценти) или „донекаде го поддржуваат“ (20 проценти) предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“. Истиот број (57 проценти) веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име. Половина од анкетираните (49 проценти) имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.

– Како што Македонија се приближува кон овој важен референдум, поддршката за компромисно решение на спорот за името кое би ги отворило вратите кон членство во ЕУ и НАТО укажува на силна наклонетост кон трансатлантските институции – вели Пол Мекарти, в.д. регионален директор на ИРИ за Европа.

Поддршката за членство во ЕУ и НАТО продолжува да расте. Бројот на анкетираните кои го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ порасна на 83 проценти – зголемување од шест проценти од август 2017 и зголемување од 11 проценти од март 2017. Поддршката за НАТО исто така останува силна со 77 проценти.

Анкетата исто така одразува постојан тренд на зголемен оптимизам и перцепција за националната стабилност. Триесет и седум проценти од анкетираните сметаат дека земјата се движи во вистинската насока — зголемување од 10 проценти од август 2017 и зголемување од 23 проценти од март 2017. Перцепцијата за стабилноста е исто така висока: бројот на анкетирани кои сметаат дека Македонија е постабилна денес отколку пред една година (37 проценти) го надминува бројот на оние кои веруваат во спротивното (25 проценти) за прв пат во скоро девет години.

Анкета е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку ГфК Скопје, фирма за истражувања на пазарот. Податоците беа собрани преку интервјуа лице влице од 28 јуни до 15 јули 2018 година од страна на обучени професионалци. Примерокот се состои од 1.100 анкетирани, на возраст од 18 години па нагоре, а стапката на одговор беше 69 проценти.

Ова истражување е спроведено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој.