Македонија заслужува јасно дефиниран пат кон членство во ЕУ, порача Мицкоски од Берлин
Премиерот Христијан Мицкоски од Берлин порача дека Македонија заслужува јасен пат кон членство во Европската унија, нагласувајќи дека државата направила многу отстапки. Во рамките на Берлинскиот процес, тој потпиша акционен план за заеднички регионален пазар за 2025-2028 година, кој се фокусира на економска соработка и интеграција со ЕУ.
Во своето обраќање, Мицкоски рече дека е подготвен на отворен дијалог со сите релевантни страни, за да се најде трајно решение кое ќе го обезбеди македонското членство во ЕУ.
„Останувам подготвен да разговарам со секого за да изнајдеме решение кое на долг рок ќе биде вистинско решение со јасен крај. А крајот треба да биде членство на Македонија во Европската унија,“ рече премиерот.
Тој додаде дека Македонија како држава и народ има направено значителни отстапки и дека сега е време да се започнат европските преговори и да се отвори патот за поглавјата на евроинтеграциите.