Македонија загуби двајца врвни алпинисти: Загинаа заработувајќи си го лебот со својата храброст и вештина

Загинатиот алпинист Зоран Мајсторски/ Фото: Фејсбук

Македонските планинари и жителите на Радовиш жалат за трагично загинатите радовишки алпинисти Зоран Мајсторски (45) и Драган Станишков (20) од алпинистичкото друштво „Плоча“. Двајцата во засега неутврдени околности загинаа вчера околу 11.50 часот во силосите за флотација во радовишкиот рудник „Бучим“. Во несреќата е повреден и трет алпинист, кој има телесни повреди.

Поради несреќата Советот на Општина Радовиш на вонредна седница денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, а погребот на посмртните останки на двајцата алпинисти се изврши денеска на гробиштата во Радовиш.

Засега се знае дека тие загинаа вчера напладне при чистење високи, недостапни силоси во рудникот. Алпинистите биле ангажирани како подизведувачи во чистење два силоса, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда.

– Загинатите алпинисти работеле на чистење на наносите на силосите. Се истражува како двајцата алпинисти настрадале. Како причина за смртта е отфрлена можноста да вдишиле отровна материја бидејќи во овие силоси такво нешто немало – велат од радовишкото Јавно обвинителство за „Слободен печат“.

Од „Бучим“ информираат дека починатите лица се подизведувачи и биле ангажирани за работни задачи – чистење високонедостапни силоси.

На местото на несреќата медицинскиот персонал на „Бучим“ веднаш им укажал прва помош и тие биле префрлени во Здравствен дом – Радовиш и во Клиничката болница – Штип, каде што е констатирана смрт. Известени се сите надлежни органи и тие во моментов вршат истрага. Формирана е и комисија која врши процена за причината за настанатиот несреќен случај, а резултатите ќе бидат дополнително соопштени велат од „Бучим“.

Од Македонската алпинистичка федерација (МАФ) соопштија дека со неверување ја примиле информацијата за несреќата во еден од силосите на рудникот „Бучим“.

„Со длабока жал споделуваме дека смртно настрадани во несреќата се алпинистот Зоран Мајсторски и Драган Станишков од Радовиш. Искрено сочувствуваме со семејствата на двајцата. Зоран Мајсторски беше еден од столбовите на македонскиот алпинизам, кој остави значителен алпинистички траг. Алпинистите од МАФ и алпинистичката заедница остануваат без драгоцен другар и непроценлив алпинистички потенцијал. Зоран Мајсторски вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања“, додаваат од МАФ.

Мајсторски, кој бил планинар од својата 12-годишна возраст, a aлпинист од 1993 година, се искачил на највисоките европски врвови. Во изминативе неколку години и егзистенцијата ја обезбедувал од висинска работа на солитери, високи фабрички оџаци, круни на брани, силоси, во Македонија, Србија, Бугарија, Косово и Црна Гора. Зад себе остави сопруга и два сина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот