Македонија во „претсобјето“ на НАТО ќе ја чека шпанската ратификација

Франција ѝ даде зелено светло на Македонија за влез во НАТО, а сега останува само уште Шпанија да го направи истото. Иако очекувањата беа дека земјава на 3 и 4 декември на НАТО Самитот во Лондон ќе седне како полноправна членка на Алијансата, сепак ситуацијата се промени токму поради политичките случувања во Мадрид.

Но, сè уште не е сè загубено, тврдат дипломатски извори, и порачуваат дека големи се шансите шпанскиот парламент да се конституира во исто време со Самитот на НАТО – на 3 декември. Веднаш по ратификацијата на протоколот во Мадрид која се очекува да се случи на почетокот од следната година, додаваат нашите соговорници, последната обврска ќе остане на македонското Собрание кое ќе треба да изгласа членство во Алијансата и со тоа да го заврши процесот.

Заменик-претседателката на македонската Влада и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, го поздрави потегот на Париз откако француското Собрание даде зелено светло за членство на Македонија во НАТО, а исто така додаде дека очекува наскоро истото да го направи и Мадрид.

– Очекуваме истата порака да се испрати и на Самитот во Лондон и очекуваме и третманот на нашата држава на Самитот да биде, како де факто членка на Алијансата. Убавите вести од Париз покажаа дека навистина како држава си ги реализираме своите стратешки цели и убедена сум дека овој стратешки успех ќе ни даде сила да ги завршиме и другите работи. Од вкупно 29 земји членки дури 28 го ратификуваа протоколот за практично 9 месеци. Тоа е навистина силна политичка порака. И таа политичка порака ќе продолжиме да ја испраќаме и во Мадрид – изјави Шекеринска.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека одлично би било доколку шпанскиот парламент го ратификува протоколот на 3 декември, но од друга страна, пак, додава тој, потребно ќе биде подолго време за нашата земја да стане полноправна членка на НАТО.

– Не мислам дека е возможно пред Нова година ние да станеме полноправна членка на Алијансата, но одлично би било ако пред Нова година биде ратификуван протоколот во шпанскиот парламент. Работата е во тоа што дури и да се случи ратификацијата, сепак тоа нема да значи ништо без да се одржи нов самит на НАТО. Ќе биде потребно време за сето тоа да се реализира со оглед на тоа што следниот Самит е закажан за 3 декември, односно на истиот ден кога Мадрид треба да ни даде зелено светло. Како и да е, сметам дека на почетокот на следната година целата оваа работа ќе биде комплетирана и ние конечно ќе бидеме дел од НАТО семејството – објаснува Зибери.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека Самитот на НАТО во декември е недостижен за нас, но затоа, пак, објаснува тој, земјава може да стане полноправна членка на Алијансата на амбасадорски или на министерски состанок кој може да се организира во кое било време.

– Не треба да се прави голема драма околу ратификацијата на протоколот за НАТО во Шпанија, бидејќи тамошната ситуација сè уште е неизвесна. Македонија секако ќе стане членка и сега е прашање само на месеци. Очигледно е дека Самитот на НАТО во декември е недостижен, а дали ќе биде во јануари, февруари или март, воопшто не е важно. Ако се сеќавате, Црна Гора не беше примена во Алијансата на самит, туку на министерска конференција. Истото може да се случи и со Македонија, која може да биде примена во НАТО на амбасадорски или на министерски состанок. Па така, да видиме како ќе се одвиваат работите во Мадрид, а за нашето официјално членство во Алијансата постојат повеќе опции – вели Никовски.

Од вкупно 28 земји-членки на НАТО кои досега дадоа зелено светло за нашата држава, Грција беше првата земја што ја крена рампата, а со нејзината ратификација на сила влезе и Преспанскиот договор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот