Македонија треба да се најде во подновената чекалница за ЕУ?

ЕУ луѓе пред зградата на ЕУ во Скопје / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Македонија не треба да ја игнорира идејата на францускиот претседател Макрон за формирање „Европска геополитичка заедница“, која претставува надополнување, а не алтернатива на процесот на пристапување во ЕУ, сметаат домашните познавачи на состојбите.

Додека целата меѓународна заедница им дава поддршка на лидерите и на властите и во Софија и во Скопје за да најдат решение со кое Бугарија до јуни ќе го тргне ветото и ќе ѝ овозможи на Македонија преговори со ЕУ, Брисел подготвува терен за формирање „Европска геополитичка заедница“ за земјите од Западен Балкан и источноевропските партнери на ЕУ меѓу кои е и Украина да станат кандидати за ЕУ ова лето.

Идејата ја даде францускиот претседател Емануел Макрон, а ја конкретизираше претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој нагласи дека заедницата ќе се стреми кон „приближување и зајакнување на соработката за справување со заедничките предизвици на државите на пат кон ЕУ“.

Ваквата идеја и инцијатива за Македонија, во моменти кога земјава е заглавена на својот евроинтеграциски пат поради бугарското вето, домашните познавачи на состојбите сметаат дека не треба да се игнорира. Оценката е дека регионалната меѓудржавна соработка во која било форма во услови на енергетска глобална криза, конфликт во Украина, но и засилени источни геополитички „струења“ на Балканот, не треба да се отфрла.

Универзитетската професорка Ана Чупеска во изјава за „Слободен печат“ појаснува дека каква било форма на соработка кога станува збор европската иднина на земјава треба да се прифати.

Универзитетска професорка Ана Чупеска

– Ние не треба „ан-блок“ да ја отфрламе таа понуда од Брисел, со тоа што не треба да се откажеме од нашето полноправно членство во ЕУ. Мислам дека овој тип колаборација само дополнително ќе го забрза гравитациониот импулс на либерализмот, со што ние практично ќе бидеме втурнати во овој геополитички сојуз на Брисел. Повторувам, ова не е пандан за неуспех, туку напротив, ова е решение за да се санираат последиците од блокадата на Софија кон нас – вели Чупеска.

За поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски, изјавата на Макрон, со која се сложи и Шолц околу новата форма – европска политичка заедница, очигледно е решението што ќе се користи за сите држави што се заинтересирани и кои се на пат кон Брисел.

Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

– Тоа е нешто што Македонија ниту може да го одбие ниту ќе зависи од неа. Идејата е сè уште во развој и многу работи и детали сè уште не се познати, ама не треба да има никаква дилема дека тоа апсолутно ќе важи и за сите други земји од Балканот. Ако изборот на Македонија е да биде надвор од една таква формула и да чека некакво членство во Унијата кое не е на повидок, и ќе трае макар 20 години, логиката кажува дека без размислување треба да се сложиме со таа привремена или транзициска форма и да продолжиме со реформите што се клучни и се наша основна обврска – категоричен е Никовски.

За оваа иницијатива на Макрон веќе се огласија и премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Планот на Макрон и Мишел, премиерот Ковачевски го смета само за размислување, за што разговарал телефонски со францускиот претседател Емануел Макрон. Сепак, доколку сценариото се реализира, тој не верува дека ќе влијае негативно врз процесот на проширување во ЕУ.

– Тоа се размислувања и концепти што сè уште не се презентирани на Европскиот совет. Новата геополитичка ситуација во светот и во Европа, особено со оглед на војната во Украина, секако дека налага ЕУ како најголема заедница на држави во Европа да размислува за својот натамошен развој. Но, сепак, во ЕУ постои процесот на проширување од кој сме дел и ние, направен според новата методологија на кластери и на отворање поглавја, кој не треба и верувам дека нема да биде засегнат – изјави Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оваа инцијатива ја гледа како план на Брисел да направи европска „втора лига“ на сојузи.

– Македонија треба да биде во првата петорка, а не во втора лига. Историски гледано, а и во поново време, Македонија направи повеќе за европските вредности од која било друга. Прво бевме спречени од нашиот јужен сосед и тука тапкавме во место со децении, за сега да имаме уште поглупаво барање од нашиот источен сосед. Редно време е Европа да ги исполни своите ветувања –  порача лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот