Македонија станува „див запад“: Криминалците стануваат посилни од системот

Фото: Профимедиа

Секојдневно во изминативе шест месеци како никогаш претходно се апсат нови дилери и зависници на опојни дроги, најчесто на марихуана, хероин и кокаин. Драстично е зголемен бројот и на пијани возачи. На пример, вчера полицијата извести дека за само пет часа открила ни помалку ни повеќе, туку 203 пијани возачи. Не само што открила дека има доста пијани возачи, туку поднела и 213 парични прекршоци за други откриени неправилности од сферата на безбедноста на сообраќајот.

Но она што исто така загрижува, е со поголемиот број на насилни инциденти и тепачки, особено меѓу младите. Расте бројот на разбојништвата извршени во продавници, обложувалници и казина.

Насилниците, без разлика на возраста, како веќе да не се грижат дека ќе одговараат пред законот, па својата нервоза, гнев или порив веќе не одбираат каде ќе ги „истурат“ и го прават тоа што го наумиле.
Пример за тоа се трите немили настани од пред само три дена. Според полицискиот билтен на улицата „Партизанска“ се истепале И.И.(61) и А.Љ.(67), двајцата од Скопје. Причина била меѓусоседско недоразбирање. Тие во пресметката употребиле тврди и остри предмети, а според пријавата, Љ.А. внук на А.Љ., со пиштол му се заканил на соседот „дека ќе плати еден ден“.

Истиот ден Љ.Б. од Скопје пријавил дека околу 12.30 часот на улицата „Сава Михајлов“, неговата 17-годишна ќерка била физички нападната од неколку малолетници, а МВР дента поднесе кривична пријава против Ф.М.(35) од Струмица кој физички нападнал полициски службеник.

Насилници и вандали има на секој чекор. Не само во главниот град, туку и ширум државава. Последната вест за дивеење на вандали доаѓа од Делчево. Таму вандали уништиле јавен имот.

Последниот случај на мета на вандалите бил летниковец во близина на детското игралиште во населбата Милково Брдо.

– Ова не е прв пат да се случуваат вакви девијантни појави, кршењето на инвентарот е само еден од случаите, за кој некој мора да понесе одговорност. Дали се работи за пијани млади лица или е во прашање нешто друго, не можеме да потврдиме, но факт е дека таквата појава се повторува и мора да се санкционира – информираат надлежните од јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница” од Делчево.

Граѓаните се загрижени од инертноста на полицијата, обвинителството и судството, но и од инспекциските служби, за кои, како што велат, како да не можат да се справат со поединците или одредени групи кои се ставаат над законот.

Криминолозите апелираат надлежните, посебно полицијата, драстично да ги зголеми своите патролни служби, ако се има желба да се намали зголемениот криминалитет кој стана македонско секојдневие, како во времето на американскиот Див Запад.

– Недозволиво за секое општество, па и за нашето, криминалците да бидат посилни од системот. МВР мора да „удри“ по насилниците и криминалците со сите расположливи ресурси. За полицијата барем не е проблем човечкиот фактор и технички сретства. Нема потреба од посебни стратегии. Доволно ќе е полицискиот врв да одлучи да ги засили патролите и тоа 24 часа по ударните локации и да зачестат сообраќајните контроли по улиците. Веднаш ќе се почувствува побезбедна средина. Не велам дека магично ќе исчезне криминалитетот, но сметам дека самото присуство на униформирани и неуниформирани полициски патроли меѓу граѓаните, посебно на ударните локации, но и во трговските центри и плоштадите ќе ги пасивизира тие кои се намерачиле да сторат нешто незаконско. Полицајците не се платени од народот за да седат во полициски станици или во базите, туку да бидат на терен, меѓу народот, да сузбиваат криминал и незаконитости – вели криминологот Никола Стојановски.

Неговиот колега, професорот по безбедност Илија Аврамовски, оценува дека Македонија не е веќе безбедно место за живеење.

– Намалена е довербата на граѓаните во институцијата полицаец. Тоа е резултат на неефикасноста на системот во најбитните институции како полиција, обвинителство и суд. Овие три институции потфрлија во работата. Пред сè, полицијата ја изгуби довербата кај граѓаните. Не може МВР кампањски да го решава криминалитетот и тоа резултираше со опадната старосната возраст на сторителите на кривични и прекршочни дела. Сите сме свесни дека насилството меѓу основците и средношколците веќе е секојдневие. Никој не прашува зошто присуството на полицијата во училишните дворови кога имаше и низа средношколски тепачки, наеднаш исчезна. Повеќе полицајци може да видите во службени возила, отколку како одат пеш по улици. Токму тој факт е пресуден за се. Последниот период како да исчезнаа од работа припадниците на единицата „Алфа“ и тие од специјалните сили. Не може граѓанинот никој да го разубеди дека е безбедно ако околу себе кога ќе се заврти не забележи припадник на МВР. Полицијата има пред се превентивна улога, да е сервис на граѓанинот, не обратно – нагласува Аврамовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот