
Македонија со нова воена помош за Украина: Што ќе содржи петтиот пакет за украинската армија
Што може Македонија дополнително да донира на Украина во воена помош и колку новиот петти по ред пакет донација ќе се одрази на борбената готовност на армијата. Дали ваквиот чекор е во целост оправдан од геостратегиски аспект, со оглед на фактот што многу поголеми и посилни европски држави се резервирани во однос на нова воена помош на Киев во конфликтот со Русија.
Препорачано
Овие дилеми се актуализираа во домашната јавност по вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дадена по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Атина дека Македонија спрема нова воена помош за Киев по која украинскиот претседател му се заблагодари на македонскиот премиер Ковачевски за политичката и воената поддршка која земјава и ја дава на Украина изминатиот период.
Во објава на „Телеграм“, Зеленски потврди дека Македонија подготвува нов пакет воена помош за Украина и додаде дека Македонија досега ѝ донираше на Украина тенкови Т-72, авиони Су-25 и хеликоптери Ми-24 и по глава на жител е еден од најголемите донатори.
Ковачевски, пак, кажа дека Македонија ќе продолжи да ѝ помага на Украина сè додека тоа е потребно, преку испраќање помош кон Украина, како што тоа го правеше и досега. Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, по средбата, премиерот Ковачевски ја нагласил континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот.
„Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повтори дека Северна Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет“, се наведува во соопштението од Владата.
Експертската јавност со која ја се консултираше „Слободен печат“ по оваа прашање вели дека иако АРСМ и Министерството за одбрана не ги соопштуваат деталите ниту пак го прецизираат воениот арсенал кој би требало да се даде на украинските сили, според нивните претпоставки многуверојатно станува збор за пешадиско оружје и муниција кое во најголем дел е застарено и е од советско потекло и истото не се соодветствува со планот за модернизацијата на армијата во рамките на НАТО алијансата.
Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски вели дека земјите од Балканот имаат причина зошто го подаруваат руското оружје на Украина во овие моменти. Тој анализира дека во новиот пакет на македонска воена помош за Украина може да биде сочинет главно од пешадиска муниција, оружје но и лесни воени оклопни транспортери кои ги користи полицијата а изминативе години беа добивани од странски донации. За донација на поголема воздухопловна техника засега според Марковски нема услови тоа да се случи.

– Мислам дека и понатаму ќе се придржуваме кон она што сметаме дека нема да биде формациско оружје за опремување на армијата и тие средстава се идентификуваат како помош што ја најавува премиерот Ковачевски. Во овој момент како што се некои покрупни средства како што се хеликоптери и сл. не може да стане збор за нивно донирање бидејќи тие сепак се во употреба и формациски припаѓаат на единиците на армијата. Имаме некои транспортни возила кои ги добивавме од стратешките партнери, но во овој момент не можеме да го подариме на Украина, бидејќи армијата има план да се опремува со нови возила од САД, но од тоа засега е добиена една третина или четвртина од нарачката. За донација на таквото оружје би можело да стане збор тогаш кога ќе ги задоволиме барањата од транспортерите кои пак се предвидени да се комплетираат до крајот на 2024 година. Евентуално, од крупното оружје што може да се донира, но не е сигурно, се оклопните транспортери од САД кои ги добивме за воената полиција. Сепак во овој момент не можеме ниту од нив да се ослободиме сè додека не се пополни формацискиот состав со нарачаните оклопни возила ЈВЛ од САД – оценува Марковски.
Бугарија ќе ѝ даде на Украина 100 оклопни возила од советско време
Бугарија по подолго време противење за воена помош на Украина би можела да и достави на украинската армија околу 100 оклопни возила од советско производство веќе на крајот на септември. Оваа информација ја соопшти бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев за време на средбата со неговиот украински колега Олексеј Резников во Одеса. Според Тагарев, неопходно е да се потпише договор меѓу МВР и украинската одбрана, а потоа да се добие ратификација на договорот од бугарскиот парламент.

„Откако Парламентот повторно ќе се состане во септември, верувам дека тоа ќе биде една од приоритетните задачи, до крајот на септември-почеток на октомври веќе ќе имаме ратификување на овој договор и мислам дека тогаш можеме да започнеме со трансфер на овие култури“, истакна бугарскиот министер за одбрана.
Тагарев истакна дека Бугарија ја поддржува желбата на Украина да ги ослободи териториите привремено окупирани од Русија. Бугарскиот министер додаде и дека во однос на билатералните односи, Бугарија продолжува да дава воена, политичка и хуманитарна помош за Украина, со цел зголемување на капацитетот и обука на персоналот на вооружените сили на Киев.
Србија се согласила да и испрати оружје на Украина, стои во протечените документи на Пентагон
Србија, единствената држава во Европа која одби да ѝ воведе санкции на Русија поради инвазијата на Украина, се согласила да ѝ испрати оружје на украинската војска или веќе го направила тоа, стои во протечените доверливи документи на Пентагон, објавени оваа пролет.
Документот во кој се сумирани одговорите на европските влади на украинското барање за обезбедување воен тренинг или оружје е меѓу десетиците доверливи документи кои во изминатите месеци се појавија на интернет, што се смета за најсериозното протекување на американски тајни во последните години.

Табелата содржана во овој документ покажува дека Србија одбила да ги обучува украинските сили, но ветила дека ќе испрати помош во оружје или веќе го направила тоа. Во него исто така се вели дека Србија има политичка волја и воена способност да обезбеди оружје за Украина во иднина. Документот е означен како таен и потекнува некаде од почетокот на март оваа година. Српскиот претседател Александар Вучиќ и украинската амбасада во Белград досега не ги коментираа овие наводи иако на последниот самит во Атина меѓу лидерите на Западен Балкан и ЕУ Вучиќ и Зеленски остварија средба.