Македонија со „хибриден режим“, Србија „демократија со недостатоци“ – „Економист“ ги рангираше земјите според Глобалниот индекс на демократија

Плоштад „Македонија“ во Скопје
Плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Извештајот „Во болест и во здравје?“ опфати 167 земји кои се оценети по 60 показатели во пет категории: изборен процес и плурализам, функционирање на власта, политичка култура и граѓански слободи.

Земјите се поделени во четири категории: „Целосни демократии“, „демократии со недостатоци“, „хибридни режими“ и „авторитарни режими“, а се оценуваат од 0 авторитарни режими, до 10 целосна демократија.

Македонија добила 5,89 поени со што е на 78-то место, што ја става во групата на „хибридни режими“ заедно со Црна Гора и БиХ. Од другите земји од регионот Словенија, Хрватска, Србија и Албанија се ставени во категоријата „демократии со недостатоци“.

Пред Македонија се Словенија на 35-то, Хрватска на 59-то, Србија на 66-то и Албанија на 71-во, а позади се Црна Гора на 81-во и БиХ на 101-во.

Први на источноевропската листа каде Македонија е на 14-то место, се Естонија, Чешка и Словенија. Хрватска е на 10-то, Романија на 11-то, Србија на 12-то, Албанија на 13-то, Црна Гора на 17-то, а БиХ на 20-то место.

Само неколку земји од оваа група, меѓу кои е Полска, забележаа значаен напредок додека повеќето назадувале. Јасен тренд на влошување се гледа преку кревкоста на демократијата во време на криза, но и подготвеност на владите да ги жртвуваат граѓанските слободи, се наведува во извештајот.

Пандемијата како што се додава, ги истакнала трајните проблеми во регионот, како лошото функционирање на институциите и слабата политичка култура.

Со оцена од 4,67 за политичка култура, Источна Европа е најлоша од сите региони, што, како што се оценува, се одразува со загрижувачки пад на поддршката за демократијата.

Во целиот регион на Источна Европа во 2020 година ниту една земја не е оценета како „целосна демократија“, а само Албанија ја промени категоријата на подобро, преминувајќи во групата на земји оценети како „демократии со недостатоци“, од групата на „хибридни режими“.

Тринаесет земји од Источна Европа се класифицирани како „демократии со недостатоци“, вклучувајќи ги сите 11 држави членки на ЕУ плус Србија и Албанија. Осум се оценети како „хибриден режим“ (БиХ, Црна Гора, Македонија, Украина, Молдавија, Ерменија, Грузија и Киргистан). Останатите, вклучувајќи ги Белорусија, Казахстан и Русија, се оценети како „авторитарен режим“.

Прва на листата на Индексот е Норвешка, додека последна е Северна Кореја. Најголем напредок во 2020 година оствари Тајван, а најголем пад Мали. Вкупно 11 земји ја променија категоријата, седум во негативен, а четири во позитивен правец.

Извор: Бета.рс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот