Македонија скокна за 14 места на скалата за слобода на медиуми – Јавниот сервис се уште главен проблем

Република Северна Македонија годинава бележи скок од 14 места според последниот светски индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници (РСФ). Лани Македонија беше на 109. место, а годинава на 95. место.

Главна забелешка на Репортери без граници оваа година е состојбата во јавниот сервис, МРТВ, каде владата сѐ уште не спровела реформи.

„Иако ситуацијата се стабилизираше во 2018, новата влада сѐ уште не го изменила Законот за јавниот радиодифузер, спротивно на она што го најавуваше во 2017“, нагласува организацијата.

„Така што, за сега, програмата на јавниот сервис продолжува да ги служи интересите на поранешната владејачка конзервативна партија, ВМРО-ДПМНЕ“, стои во извештајот на Репортери без граници за оваа година.

Иако не се регистрирани напади врз новинарите во текот на минатата година во Македонија и безбедноста на новинарите бележи значителен напредок, Репортери без граници предупредуваат дека културата на неказнивост продолжува да владее во земјата.

Само два од 59 регистрирани напади врз новинари во последните години биле предмет на истрага и добиле завршница.

„Ова не го постигнува потребниот степен за да се обесхрабрат одговорните за нападите“, предупредува РСФ.

Во делот на законските регулативи, организацијата за заштита на новинарите забележува дека се потребни измени во делот за клевета и пристапот до државни информации. РСФ нагласува и дека контроверзен амандман, со кој и се дозволува на Државната изборна комисија да го набљудува известувањето на изборите во електронските медиуми, е усвоено без дебата и без консултации.

Конечно, Репортери без граници бараат да се посвети внимание на фактот што “високи владини функционери имаат вкоренета тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот