Македонија си ја заврши работата, доста е лигавење

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Читам деновивие и не ми се верува. Лигавење, молење и жалење на сите страни. Премиерот Зоран Заев се жали дека ако Македонија не добиела датум за преговори со ЕУ ќе паднела владата и ќе се врателе националистите. Па Македонија може да добие датум, Албанија не мора. Ама чекај, Албанија ако не добие датум, тоа може да направи проблем со Косово.

Но, жалопојките не запираат тука. Читам вчера по некои портали, пратеничката Лилјана Поповска плачела пред колегите од хрватскиот Сабор дека со гласањето за смена на името ние сме ги предале нашите идеали, и ќе било голем срам доколку ЕУ не ни додели датум за почеток на пристапните преговори. Не знам ова со солзите на Лиле колку е точно, но ако е точно, дефинитивно е зелено, баш како и нејзината партија.

Премиерот денеска пак се јави и рече дека би менувал две Нобелови награди за датум за преговори. Аман веќе! Доста е лигавење и жалопојки.

Заев и треба да добие Нобелова награда затоа што реши спор за кој никој не веруваше дека може да се реши. Стави крај на сагата наречена ФИРОМ.

Македонија го исполни својот дел од договорот со ЕУ и тоа треба да им биде јасно на сите, и на овие домашниве и на оние во Унијата. Македонија го смени името, Македонија донесе Договор за добрососедство со Бугарија, Македонија ги спроведува реформите на Прибе, добро, тоа малку бавно оди, но има напредок.

Македонија треба и мора да добие датум за преговори со ЕУ. Македонија својот дел го заврши, на ред е Унијата. И тоа е факт. И доста се лигавите веќе. Еднаш заземете став на горди политичари, кренете ја главата, не ја наведнувајте бидејќи сме биле мала земја. Ние сме мала земја, но направивме огромни чекори. А ако Унијата смета дека тоа не треба да се награди, нека ѝ служи на чест. Со лигавење ништо нема да добиеме.

Треба да сме горди на тоа што го постигнавме и мора да итаме напред. Мора да ги европеизираме државата и народот. И да не се откажуваме.

Освен ако не се насекиравте само за тоа дека ќе ги изгубите фотелјите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот