Македонија преживува точно една година со коронавирусот

Клинички компплекс „Мајка Тереза“ Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На денешен ден лани, со комбе од Италија допатува првата жена во земјава која официјално се смета за прв регистриран случај на коронавирусот. Таа беше на возраст од педесет години и одреден период престојувала во Италија, а од граничниот премин Табановце беше веднаш пренесена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Иако со неа во комбето беа уште 12 лица, ниту еден од нив не заболе, само уште еден доказ за непредвидливоста и немањето правила кога станува збор за коронавирусот.

Вкупно 365 дена подоцна, билансот на заболени во земјава е 101 илјада 214 лица. Во листата на починати се запишани 3.111 граѓани, а битката со коронавирусот ја добија над 90.600 лица кои оздравеа.

Годината ја окарактеризираа вонредни мерки, карантин во хотели при влез во земјава, забрана за патување и напуштање на домот, промена на работната динамика и начинот на работа во компаниите, како и постојани апели за носење маска, држење дистанца и негрупирање.

Полицијата имаше полни раце работа поради различни проблеми кои ги донесе пандемијата со себе, меѓу кои непочитувањето на мерките за лична заштита, групирањата во угостителските објекти, па се до лажни ПЦР тестови со кои наши граѓани се обидуваа да ја напуштат земјата за да влезат во Бугарија на граничниот премин Деве Баир.

Светот една година подоцна се соочува со нови предизвици и проблеми – како да се дојде до вакцината, најбрзо создадена во историјата на медицината, а во која се полагаат сите надежи за спас од пандемијата.

Висока температура, кашлица, изнемоштеност и отежнато дишење се највообичаените симптоми на коронавирусот, додека посериозната клиничка слика ги зафаќа сите органи во телото, предизвикува цитокинска бура во белите дробови и проблеми со сатурацијата кои доведуваат и до подолгорочни последици.

Корона кризата претставуваше најсериозен предизвик со кој некогаш се соочил македонскиот здравствен систем. Цела 2020 година беше трка да се обезбедат доволно медицински ресурси, доволен медицински кадар и навремено да се третираат пациентите. Имаше и скандали и кривични пријави поврзани со ненавремената изолација на граѓани, но и на директори на клиники и градоначалници.

Како се дознаваше повеќе за вирусот, така се менуваа и протоколите за тоа колку време треба да се изолираат граѓаните позитивни на вирусот. Асимптоматските не го пренесуваат вирусот после десеттиот ден од заразата, а оние со симптоми после дваесеттиот ден, па толку трае и изолацијата за засебните случаи.

Во изминатата година во Македонија се регистрирани 30 соеви на коронавирусот, а главна опасност моментално претставува британскиот сој за кој се знае дека се шири за 70 проценти побрзо. Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје од 15 до 21 февруари годинава тестирани се вкупно 15.849 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за Сарс Ков 2.

Регистрирани се 2320 нови позитивни случаи од 33 градови. Пријавени се 70 смртни случаи од 13 градови со зголемување од речиси 63 проценти споредено со минатата недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот