Македонија пред портите на НАТО (ФОТО)

Самитот на НАТО во Лондон е историски за Македонија. Македонските претставници седат рамо до рамо на иста маса со светските лидери на 29 земји членки на Алијансата. Македонската делегација ја предводи македонскиот премиер Зоран Заев. Тој од таму на својот Фејсбук профил напиша:

„Го остваруваме сонот на генерации наши граѓани – стануваме членка на НАТО, во сојуз со најмоќните партнери од демократскиот свет. Овде во Лондон, Северна Македонија е потврдена за следна 30-та членка на НАТО, на 70-тиот роденден на Алијансата. Безбедни, сигурни и стабилни, продолжуваме да ја јакнеме економијата за добробит на сите наши граѓани.“

Го остваруваме сонот на генерации наши граѓани – стануваме членка на НАТО, во сојуз со најмоќните партнери од…

Publiée par Zoran Zaev sur Mardi 3 décembre 2019

Од Лондон со Фејсбук порака се јави и министерот за надворешни работи Никола Димитров.. Во неа тој напиша дека било прекрасно чувството кога целата сала ќе ве пречека со аплаузи како 30 земја членка на Алијансата.

„Конечно, после многу години обиди, надеж и упорност; по Вилнус групата, САД-Јадранската повелба, неброени циклуси подготовки и извештаи; по оној кобен Самит на НАТО во Букурешт, кога го изгубивме компасот и влеговме во улогата на жртва … конечно сме со земјите членки на масата.
Конечно ќе бидеме дел од најмоќната одбранбена алијанса во историјата, која обезбедува стабилност и безбедност за една милијарда луѓе, каде нападот врз една земја членка е напад врз сите (членот 5).
Патот беше долг, но апсолутно беше неопходно да се издржи. За нашата татковина“, напиша Димитров на својот Фејсбук профил.

Чувството кога цела сала ќе ве пречека со аплауз во знак на добредојде на Северна Македонија, идната 30та земја сојузник…

Publiée par Никола Димитров – Nikola Dimitrov sur Mardi 3 décembre 2019

Последната земја членка на НАТО која сè уште го нема ратификувано Протоколот за членство на Македонија е Шпанија. Шпанците на почетокот на ноември, гласаа на парламентарни избори. Се чека на формирање на новата Влада. Македонското министерство за надворешни работи веќе изготви нацрт-закон за ратификација на Северноатлантскиот договор во нашето собрание.

Североатланскиот договор во Вашингтон на 4 април 1949 година, го потпишале 12 земји: САД, Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Британија. Тогаш  ја формираа Алијансата како одговор против политиките на Советскиот Сојуз. Во 1952 година членки на НАТО станаа Турција и Грција. Проширувањето на НАТО продолжи со членството на Германија (1955), Шпанија (1982), Чешка, Унгарија и Полска (1999), Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија (2004), Албанија и Хрватска (2009), и Црна Гора во 2017 година. Покрај Македонија, исто така и Босна и Херцеговина, Грузија и Украина се земји кои сакаат да станат членки на НАТО..

Алијансата од почетокот на своето постоење силата ја црпи во 5 – от член од Севеноатланскиот договор. Сите челници на НАТО го толкуваат како „Сите за еден, еден за сите“.

Член 5

„Страните се согласија дека оружениот напад против една или повеќе од нив во Европа или во Северна Америка ќе се смета за напад против сите и се договорија дека доколку се случи таков оружен напад секоја од нив – користејќи го правото на поединечна или колективна самоодбрана, како што е дадено во член 51 од Повелбата на Обединетите Нации преземајќи поединечно и  во соработка со другите страни – акција што ќе одговара на потребите, вклучувајќи и употреба на оружени сили, заради возобновување и одржување на безбедноста во Северноатлантската област“, да возвратат сите сложно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот